Muhammed Semiz,Mücahit Aydemir
12 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
ТРИПОЛИ (АА) - Претседателот на Претседателскиот совет на привремената администрација во Либија, Мухамед ал Менфи, во Бенгази се состана со Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение дадено од прес-службата на Хафтар, Хафтар на средбата со Менфи изразил поддршка за Претседателскиот совет и Владата на националното единство, кои создаваат амбиент за политички дијалог и подготовка за изборите кои треба да се одржат во декември.
- Осуда од претседателот на Врховниот совет на државата Мишри -
Од друга страна, претседателот на Врховниот совет на либиската држава, Халид ал Мишри, на својот профил на социјалните мрежи реагира на средбата на Менфи со Хафтар.
Мишри во однос на средбата истакна:
„Ние го негираме и осудуваме неуспешниот почеток што го направи Мухамед ал Менфи со посетата на воениот злосторник Хафтар. Оваа посета е негативна порака што нема никаква врска со одржувањето на хармонијата и единството на Либијците по сите уништувања и трагедии што ги предизвика Хафтар.“
Посетата на Менфи на Бенгази е прва по неговиот избор за претседател на Претседателскиот совет на 5 февруари.
До изборите планирани да се одржат на 24 декември 2021 година, Мухамед Менфи е избран за претседател на Претседателскиот совет, а Абдулхамид Дибејбе е избран за премиер од страна на членовите на Форумот за политички дијалог во Либија, кој се одржа во Швајцарија на 5 февруари под раководство на Обединетите нации (ОН).