Elvir Hociç
07 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја ја обвинија Јапонија дека со постојаните повици за притисоци и санкции предизвикува непријателство во екот на позитивните дипломатски исчекори на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шефот на јапонската дипломатија, Таро Коно, ја повика меѓународната заедница да продолжи со максималниот притисок и санкциите, со цел режимот во Северна Кореја да биде принуден да се откаже од развојот на својата нуклеарна и балистичка програма.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ утринава ги пренесе изјавите на севернокорејските официјални лица кои говореа за тамошните медиуми.
„Можеме само да се насмееме на ваквите реакции и ставови од Јапонија, која се обидува да опстане со градење омраза и непријателство кон Северна Кореја“, порачаа претставниците од Пјонгјанг.
На крајот од минатиот месец, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин и изрази подготвеност да разговара и со јапонскиот премиер Шинзо Абе. Премиерот Абе позитивно одговори на овие пораки.
Официјален Пјонгјанг вчера ги повика и Соединетите Американски Држави (САД) да ги прекинат притисоците и воените закани кон режимот во таа земја.
Висок официјален претставник на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, во интервју за Корејската централна новинска агенција (КЦНА) изјави дека продолжувањето со притисоците и заканите од САД не може да придонесе во процесот на решавање на проблемите поврзани со севернокорејската нуклеарна и балистичка програма.
Истакнувајќи дека САД се обидуваат да ја измамат јавноста, официјалниот претставник од Пјонгјанг тврди дека официјален Вашингтон сака сите заслуги за идејата и намерата за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров да ги припише на својата политика и на санкциите.
До крајот на овој месец, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун би требало да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна изјави дека средбата би можела да се организира во Палатата на мирот во демилитаризираната зона на границата меѓу двете Кореи.