Gülşen Topçu
07 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
БЕЈРУТ (АА) - Во Либан вчера се одржаа првите парламентарни избори по девет години, а на избирачките места излегоа помалку од половина од регистрираните гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Либанците вчера бираа нов состав на националниот Парламент кој брои 128 пратенички места.
Либанскиот министер за внатрешни работи, Нихад ал Мешнук, доцна синоќа соопшти дека излезноста на изборите била 49,2 отсто. Во тек е пребројувањето на гласачките ливчиња во сите 15 изборни единици.
Изборите минаа со зајакнати безбедносни мерки, а резултатите ќе бидат објавени во текот на оваа недела. Ова беа првите парламентарни избори во Либан по 2009 година. Тие, исто така, се први откако Либан минатата година го усвои новиот Изборен закон.
Со тоа е изменет претходниот систем со кој на победникот му припаѓаше сè, и се премина на комплицирана пропорционална застапеност со која се добиваат пратенички места врз основа на уделот во освоените гласови.
Најголемата борба на изборите се очекуваше помеѓу алијансата предводена од актуелниот либански премиер Саад ал Харири, кој се залага за добри односи со Саудиска Арабија, а се противи на режимот во Сирија и на Хезболах, кој има блиски односи со Иран и со режимот во Сирија.
Вчерашните избори во голема мера ќе ја одредат позицијата и ставот на Либан во идните процеси за решавање на кризата на Блискиот Исток.