Enes Canlı
07 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
ТУНИС (АА) - Слабата излезеност и првата жена избрана на чело на главниот град Тунис ги одбележаа вчерашните историски локални избори во таа африканска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
По четири неуспешни обиди и одложувања, првите локални избори во Тунис се одржаа вчера, по народното востание кога во 2011 година од власт беше соборен автократскиот режим на Зин ал Абидин Бен Али.
Врховната изборна комисија доцна синоќа соопшти дека на избирачките места излегле 1,78 милиони од вкупно 5,37 милиони регистрирани гласачи.
Изборниот процес помина со засилени безбедносни мерки и без големи инциденти, додека аналитичарите предупредуваа на слаб одзив односно одзив од само 33,7 отсто на гласачите.
„Движењето „Енада“ (Партијата за просперитет) победи на локалните избори во Тунис, освојувајќи 27,5 отсто од гласовите“, објави државната телевизија.
Според неофицијалните резултати, партијата Нида Тунес, втора по големина политичка организација со 55 места во Парламентот, освои 22,5 отсто од гласовите. Демократското движење освои 10,7 отсто од гласовите.
Официјалните резултати од изборите треба да бидат објавени на 9 мај.
Сепак, лидерите на „Енада“, која освои 33,8 отсто од гласовите, веќе прогласија победа во главниот град Тунис. За прв пат во историјата, функцијата на градоначалник на Тунис ќе ја има жена, Суад Ибрахим.
Изборите се одржаа во согласност со Изборниот законик усвоен во 2014 година, кој наложува подеднаков број на жени и мажи на кандидатските листи. Секој шести кандидат мора да биде од младинската популација, а меѓу првите десет имиња на кандидатските листи мора да има барем едно лице со попреченост. На припадниците на безбедносните сили им е забрането кандидирање на изборите.
Денешните избори се важни и како подготовка за парламентарните и претседателските избори кои во Тунис ќе се одржат следната година.