Ekip?
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја најавија дека максимално ќе го забрзаат развојот на националната нуклеарна програма, како одговор на политиката на притисок и закани што ја спроведува американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека забрзувањето на развојот на националната нуклеарна програма е неопходен одговор на официјален Пјонгјанг на политиката што, според таа земја, ја спроведува официјален Вашингтон.
„Мерките за максимално зголемување на нуклеарната моќ на Демократската Народна Република Кореја (Северна Кореја) ќе бидат успешно и ефикасно спроведени по наредба за нејзиното врховно раководство“, јавува севернокорејската државна агенција КЦНА (KCNA).
Официјалните лица на Јужна Кореја предупредуваат дека последните најави од Северна Кореја значат продолжување на нуклеарните тестирања во таа земја и зголемување на тензиите во регионот и во светот.
Северна Кореја, сепак, развојот на нуклеарната програма го оправдува со јакнење на одбранбените капацитети наспроти заканите од непријателската Америка.
Со цел да се намали севернокорејската закана, неодамна, американскиот претседател Трамп во водите на Северна Кореја го испрати носачот на авиони УСС Карл Винсон и подморницата со нуклеарен погон УСС Мичиген (USS Michigen), а властите на Северна Кореја се закануваат дека ќе ги уништат американските пловила доколку ја загрозат националната безбедност на Пјонгјанг.
„Американската агресија и непријателство никогаш не биле толку изразени како овие денови и ситуацијата на Корејскиот Полуостров никогаш не беше поблиска до нуклеарната војна. Северна Кореја е подготвена да им одговори на САД на секаков начин. Кога Северна Кореја не би имала нуклеарна моќ, САД би ја нападнале нејзината територија, токму како што ги напаѓаат другите земји”, јавува прорежимската агенција КЦНА.