Ekipa
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во текот на денешниот бизнис самит во Њу Делхи, турските и индиските лидери ја истакнаа важноста на трговијата и на директните инвестиции, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор на Турско-индискиот бизнис-форум, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека средбите во рамките на неговата официјална посета на Индија ќе ја означат новата ера на економските односи.
„Од периодот кога Индија доби независност, нашите односи се темелат на пријателство. Економската соработка ќе биде дополнително продлабочена и збогатена. Ова е нашата искрена желба и ние сме решени и посветени да го постигнеме тоа“, рече Ердоган.
Ердоган, исто така, посочи дека заедничките економски средби меѓу Турција и Индија (од кои последната таква средба е одржана во 2014 година), како и преговорите за договорот за слободна трговија ќе продолжат.
Укажувајќи на обемот на трговската размена меѓу двете земји од речиси 6,5 милијарди долари, Ердоган нагласи дека оваа бројка ќе се зголемува.
„Сигурно е дека обемот на заемната трговија не е на задоволително ниво за Турција; тоа е реалноста. Минатата година, извозот на Турција во Индија изнесуваше 652 милиони долари, а увозот од Индија изнесуваше 5,75 милијарди долари. Значи, тоа не е одржливo за Турција“, додаде Ердоган.
„Тоа е причината зошто мораме да ги зголемиме реципрочните инвестиции, а обемот на трговијата треба да биде избалансиран. Колку што е можно побрзо, треба да се преземат чекори за да се постигне тоа“, истакна тој.
Ердоган нагласи и дека Турција би сакала понатамошно развивање на соработката со Индија во ИТ-секторот, во софтерскиот сектор и во секторот на високата технологија, аеронаутиката и астронаутиката, како и во секторот на обновливата енергија, каде што Индија има направено голем напредок под водството на индискиот премиер Нарендра Моди.
Индискиот премиер Моди, во своето обраќање истакна: „Растот на нашата билатерална трговија во текот на годините е импресивен. Сметам дека билатералната трговија значително се зголеми по последната посета на претседателот Ердоган на Индија“
„Индија и Турција спаѓаат меѓу 20-те најголеми економии во светот. И двете економии покажаа извонредна стабилност... Сведоци сме на зголемувањето на присуството на турските компании во Индија. Сигурен сум дека ќе биде уште подобро во периодот што доаѓа“, додаде тој.
„Нашата цел е да се создаде ефикасна бизнис средина во Индија. Индија се соочува со голем притисок за подобрување на инфраструктурата и турските компании можат да бидат дел од ова. Градиме повеќе од 30 милиони домови, во процес сме на изградба на нови аеродроми и морски пристаништа, модернизација на нашата железница, изградба на автопати низ целата земја со брзо темпо.
„Турција може да биде дел од тоа“, рече Моди.
- Турција и Индија, идеални партнери на полето на економијата -
Раководителот на Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК), Омер Џихад Вардан, истакна дека целта на самитот е да се зголеми постојниот трговски и инвестициски обем.
„За жал, обемот на трговијата со Турција во индиската економија од 620 милијарди долари, азискиот растечки пазар, е незадоволителен“, рече Вардан.
„Веруваме дека оваа средба ќе биде првиот чекор и можност за сите нас“, додаде тој. „Како ДЕИК, ние ќе го следиме процесот и се надеваме дека ќе продолжи ефикасната комуникација меѓу двете земји, која ќе придонесе да се поттикнат и двојно да се зголемат економските активности“.
Панкаџ Пател, претседател на Федерацијата на индиските стопански комори и индустрија, рече геостратешката локација на Турција и индиската растечка економија ги прави двете земји идеални економски партнери.
Пател, исто така, го цитираше основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк: „Победата е за оние што можат да кажат победата е моја. Успехот е за оние што умеат да изговорат јас ќе успеам и на крајот да кажат јас успеав“.