Islam Uddin
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
АНКАРА (АА)- Северна Кореја денеска потврди дека тестирала новоразвиена хиперсонична ракета, која има стратешко значење во зајакнувањето на нејзините способности за самоодбрана, објавија државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата, официјален претставник на одбраната рече дека Академијата за одбранбени науки утрото на 28 септември тестирала новоразвиена хиперсонична ракета од типот „Хвасонг-8“ во Тојанг-ри, округот Рјонгним, провинцијата Јаганг.
Тест-лансирањето го следеше Пак Јонг Чон, член на Президиумот на Политичкото биро и секретар на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја, заедно со водечки претставници во областа на одбранбените науки.
„Развојот на хиперсонична ракета, една од петте приоритетни задачи во областа на стратешкото оружје на петгодишниот план за развој на одбранбената наука и системите за оружје, беше промовиран според последователниот, научен и сигурен развоен процес“, се вели во соопштението, објавено од Корејската централна новинска агенција.
Се вели дека за лансирање, Северна Кореја за првпат вовела ампула за гориво за ракети.
Јужнокорејската војска вчера соопшти дека Северна Кореја истрелала ракета со краток дострел во морето во близина на нејзиниот источен брег и дека разузнавачките служби на Сеул и Вашингтон го анализираат лансирањето за дополнителни информации.
Набргу по потегот на Северна Кореја, високи безбедносни претставници во Сеул се состанаа на итен состанок и изразија жалење за потегот на Пјонгјанг.
Тензиите се зголемија на Корејскиот Полуостров откако и Пјонгјанг и Сеул тестираа балистички ракети со растојание од само неколку часа на почетокот на овој месец.