Ata Ufuk Şeker
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
БРИСЕЛ
Обвинителството одговорно за справување со финансискиот криминал поврзан со буџетот на Европската Унија (ЕУ) ќе профункционира на 1 јуни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата на ЕУ соопшти дека Европско јавно обвинителство (EPPO) официјално ќе започне со работа.
Во изјавата се наведува дека Обвинителството, кое официјално ќе започне со работа на 1 јуни, ќе биде одговорно за спроведување истраги и судски процеси против криминални активности поврзани со буџетот на ЕУ.
Обвинителството ќе истражува измами во трошењето на приходите, измама од најмалку 10 милиони евра ДДВ во која се вклучени две или повеќе членки на ЕУ, перење пари добиени од буџетот на ЕУ и корупција и злоупотреба кои влијаат на финансиските интереси на ЕУ.
Исто така, во соопштението се наведува дека Обвинителството ќе дејствува независно од институциите на ЕУ и земјите членки.
Во изјавата се истакнува дека се очекува седиштето на Обвинителството да биде во Луксембург и да испитува околу 3.000 случаи секоја година.
Земјите од ЕУ во 2017 година одлучија да соработуваат во однос на формирањето на Европското обвинителство.
Дваесет и две земји членки на ЕУ најавија дека ќе земат учество во Обвинителството. Шведска, Унгарија, Полска, Ирска и Данска одлучија да не учествуваат во Европско јавно обвинителство (EPPO).
Институциите на ЕУ се согласија за назначувањето на Романката Лаура Кодрута Ковеси на чело на новото Јавно обвинителство.