САРАЕВО (АА) - По 24 години работа во холандскиот град Хаг, со судскиот процес „Прлиќ и останатите“, завршија активностите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ), пишува Anadolu Agency (AA).
Судот официјално ќе биде затворен кон крајот на годината.
Со цел да се осудат извршителите на злосторства во 90-тите години од минатиот век во поранешна Југославија, Организацијата на обединетите нации во 1993 година донесе одлука да се формира МКСЈ, кој во своето 24-годишно постоење изврши значајни работи во казнувањето на извршителите на воените злосторства.

Иако е делумна правдата, сепак судот донесе важни одлуки во нејзино име за поранешните југословенски републики. Не може да се избегнат повремените критики во подрачјата во коишто продолжија заедно да живеат различните етнички групи, кои во 90-тите години од минатиот век меѓусебно војуваа. Додека за едни осудениот од судот се смета за воен злосторник, за лицата од друга етничка припадност тој и понатаму се смета за херој.
Иако одлуките што ги донесе МКСЈ честопати беа проценети како „политички”, сепак, изречените казни за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, покажаа дека секој може да биде суден и казнет, независно од тоа колку тој е значаен.
Во исто време, судот даде многу значаен придонес во истакнувањето на некои историски вистини што не можат да бидат урнати. Пример за тоа е пресудата дека во 1995 година е спроведен геноцид во Сребреница, каде што се извршени масовни убиства врз Бошњаците.
Иако во текот на своето 24-годишно постоење, судот воглавно беше фокусиран на злосторства извршени од страна на Србите, сепак тој не заостана и во казнувањето на Бошњаците, косовските Албанци и Хрватите. Судот со ваквите одлуки се обиде да испрати порака дека сите страни извршиле воени злосторства во војната што ја зафати поранешна Југославија. Во периодот кога судот се обидуваше да донесе избалансирани одлуки, честопати беше критикуван и окарактеризиран како политичка институција.
Првата судска одлука МКСЈ ја донесе во 1996 година, осудувајќи го Дражен Ердемовиќ, припадник на Војската на Република Српска (ВРС) на 10 години затворска казна. Иако има хрватско потекло, Ердемовиќ служел во српската војска, а беше осуден поради геноцидот извршен во Сребреница.
Последната судска одлука на МКСЈ беше за шестемина поранешни хрватски официјални претставници во случајот „Прлиќ и останатите“, која беше изречена пред Судот за жалби при МКСЈ. Поранешниот хрватски офицер, воен злосторник, генерал Слободан Праљак, пред соопштувањето на пресудата се самоуби испивајќи отров. Судот на овие шестмина Хрвати им изрече вкупна казна во висина од 111 години, за извршените злосторства за време на војната во Босна.
- Ослободени се 19 лица, шестмина добија доживотна казна
Со анализирање на податоците објавени на официјалната интернет-страница на МКСЈ, се забележува дека досега биле подготвени обвиненија за 161 лице.
Затворски казни од една година до доживотна робија им се доделени на 90 лица. Доживотна казна затвор добија шестмина Срби. Тоа се Станислав Галиќ, Вујадин Поповиќ, Љубиша Беара, Милан Лукиќ, Здравко Толимир и Ратко Младиќ.
МКТЈ за време на својата работа донесе 19 ослободителни пресуди. Меѓу лицата кои се ослободени од обвиненијата се сегашниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, Насер Ориќ, Бошњак кој дал значителен придонес во одбраната на Сребреница и Војислав Шешељ, лидерот на српските радикали.
Меѓу дваесеттемина за кои беа повлечени обвиненијата, 10 лица починаа пред да бидат испратени во Хаг, а седуммина починаа откако пристигнаа во Хаг и за нив не беше донесена никаква пресуда. Меѓу оние што починаа по пристигнувањето во Хаг е и поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ. Деветмина од осудениците починаа за време на издржувањето на својата казна.
Документите на 13 лица кои во почетокот беа судени во Хаг, им беа препуштени на соодветните судови во матичните земји. Од лицата кои беа осудени од страна на МКСЈ, педесет и шестмина ја одлежаа својата казна и се пуштени на слобода.
Во затворот на судот сѐ уште се наоѓаат 9 лица. Од нив, седуммина со изречени казни очекуваат, во согласност со договорот, да бидат испратени во други земји.
- Што ќе се случи по МКСЈ?
По завршувањето на активностите на МКСЈ, поради постоечките и потенцијалните жалби на донесените одлуки, за ново судење на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, процесите ќе бидат водени од страна Механизмот на Меѓународниот кривичен трибунал. Овој суд повторно ќе биде сместен во Хаг и треба да го продолжи континуитетот на процесите што ги водеше МКСЈ и Меѓународниот кривичен суд во Руанда. Тука спаѓаат жалбата на Радован Караџиќ, кој е осуден на 40 години затвор, жалбата поднесена од Ратко Младиќ, кој е осуден на доживотна казна затвор, жалбата за ослободителната пресуда за Војислав Шешељ, и повторно судење за Станишиќ и Симатовиќ, кои ќе бидат водени од страна на Механизмот на Меѓународниот кривичен трибунал.
Церемонијата на свеченото затворање на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ќе се одржи на 21 декември 2017 година, а судот официјално ќе ја прекине својата работа заклучно со крајот на годината.