Ekipa
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
АТИНА (АА) - Во рамките на својата официјална посета на Грција, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, оствари средба со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, денес во Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Во просториите на Владата на Грција, Ердоган и Ципрас дадоа изјави пред претставниците на медиумите.
Ердоган го изрази своето задоволство од средбата со Ципрас во простории во кои не се чувствува како странец, и потсети дека во тие простории, во времето кога беше премиер на Турција, одржал средби со тројца одделни премиери на Грција.
„Сега со вас се среќавам тука. Оваа моја посета на Грција е прва официјална посета од страна на еден турски претседател, по онаа посета што ја оствари некогашниот претседател Џелал Бајар“, рече Ердоган.
„Како што реков и на средбата со почитуваниот претседател на Грција, Турција и Грција мораат да веруваат во едно нешто“, рече претседателот Ердоган и продолжи со зборовите:
„Треба аспектот на празна чаша да го оставиме настрана и да се насочиме кон аспектот на полната чаша. Треба да изградиме зграда врз таа основа. Всушност, меѓу двата народа има многу заеднички нешта. Доволно е барем идеолошките опсесии да ги ставиме настрана. Турција нема претенизии врз територијалниот интегритет на ниту една соседна земја“, истакна Ердоган.
Тој додаде грешките од минатото да се остават во минатото.
„Ние сме земји кои во минатото биле заедно. Ние имаме сонародници во Грција, вие во Турција имате ваши сонародници. Подобро ќе беше да не се случеа некои грешки од минатото и нашите државјани со грчко потекло да не си заминеа од нашата земја. Но грешките ги оставаме во минатото. Потребно е иднината да ја изградиме врз една многу постабилна основа. Има многу нешта кои можеме да ги направиме во таа насока. Доколку навистина можеме да создадеме единство во разговорите, здрав разум, тогаш можеме да изнајдеме решиме“.
Турскиот претседател ги повика грчките власти да ги екстрадираат луѓето што избегаа во Грција по минатогодишниот обид за воен удар што го спроведе терористичката организација ФЕТО во Турција.
„Имам порака за грчкото судство, а тоа е дека задоцнетата правда не е правда. Ве молиме, да ги разрешите овие случаи и ако треба да побарате соработка со турското Министерство за правда. Како што знаете, во Турција нема смртна казна, ниту е можна тортура и испорачувањето е можно, бидејќи станува збор за луѓе што извршиле воен удар“, порача Ердоган.
Тој во своето обраќање изрази благодарност до грчкиот народ, во свое име и во името на турскиот народ.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, зборувајќи за сериозната напнатост во регионот поради бегалската криза, војната во Сирија, односите Европска Унија – Турција рече: „Ние се стремиме да ги надминеме овие нешта. Многу добро знаете дека мојата душа е за добрососедски и пријателски односи. Тоа и го покажувам“.
Ципрас истакна дека во овој период значаен за Грција, го охрабрил претседателот на Грција (Прокопис Павлопоулос) да го покани турскиот колега, и истакна: „Во овој период, сите наши напори се за изградба на мостови меѓу нашите земји, а не ѕидови“.
Потсетувајќи дека е инженер, Ципрас рече: „При изградбата на еден мост, потребно е да се внимава да има цврста и стабилна основа врз којашто тој се гради.
Зборувајќи за стабилна основа во билатералните врски, тоа подразбира заемно почитување и почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет“.
Ципрас истакна дека двете земји имаат различни гледишта за различни прашања и рече: „Наспроти нашите несогласувања, потребно е да се фокусираме кон заедничките точки. Сметам дека во рамките на заемното почитување, несогласувањата треба да ги поставиме во центарот, но подалеку од притисокот и ударите. Доколку денеска успееме во тоа, тогаш вашата посета, освен тоа што е историска, ќе биде посредник во отворањето на една нова страница во односите меѓу двете земји“.