ИГМАН (AA) - Во присуство на приближно 5.000 учесници на Игманскиот марш на Велико поље, многубројни делегации положиле венци и цвеќе на Спомен-обележјето за припадниците на Прва пролетерска бригада која на 28. јануари 1942. година стигнала до ова место, јавува Anadolu Agency (AA).
На централното одбележување на 75. годишнината на Игманскиот марш присуствуваа од 15.000 до 20.000 лица, кои во главно стигнале со автобуси на Велико поље.
Оваа година забележан е рекорден број на гости од земјата и странство. Игманскиот марш е еден од најважните партизански походи на просторите од поранешна Југославија во Втората светска војна. По пристигнувањето на учесниците на маршот, делегации на боречки здруженија од Белград, Ужице, Бајина Башта, Макарска, како и делегации од Словенија, делегација на СУБНОР од Кантонот Сараево, положиле венци и цвеќе на Спомен-обележјето на припадниците на Прва пролетерска бригада која на 28. јануари 1942. година, движејќи се кон слободна територија во Фоча, стигнале на ова место на планината Игман.
Според зборовите на претседателот на Организацискиот одбор за Игмански марш, Ибрахим Дурмо, на обележувањето присуствуваа до 20.000 лица.
‚‚Ова е меѓународна манифестација. Овде се присутни луѓе од сите соседни држави како и од Австрија и Италија. Оваа година е јубилејна, но и рекордна по бројот на посетители. Според наша проценка, според бројот на автобуси и останати возила се претпоставува дека денес на Игман се од 15.000 до 20.000 луѓе. На Маршот, според извештајот на командантот, учествувале околу 5.000 луѓе“, истакна Дурмо.
Нагласи дека е и рекорден бројот на учесниците на Маршот.
‚‚Ова е најголем број на учесници. Бројот на посетителите и учесниците во Маршот се зголемува од година во година. Ни се јавуваат и студентски и извиднички организации. Кај младите постои интерес за ова“, кажува Дурмо.
Словенката Марија Бенчина во својата 91. година одлучи и денес, по четврти пат да учествува во Маршот. Со хармоника и пријатели од Словенија беше на чело на колоната.
‚‚Ова е четврти пат да сум овде и секој пат пешачам“, вели Марија.
Од Љубљана пристигна и Соња Мавриќ (70). Според нејзините зборови од Словенија се дојдени организирано неколку автобуси.
‚‚По втор пат сум овде, другите со години доаѓаат. Маршот им ги буди спомените на луѓето кои ја освоиле оваа држава. Моите родители биле партизани во Словенија“, кажува Мавриќ.
При тоа истакнува колку е значајно младите да знаат за случувањата од '40-те години на минатиот век и Игманскиот марш.
‚‚Кај нас во Словенија историјата малку ја сменија и токму овој дел е исфрлен од неа. Така да младите не знаат што било, што се случувало“, порача Мавриќ.
Со пријателите на одбележувањето на годишнината на Игманскиот марш присуствувал и Шемсо Аљиќ.
‚‚Секоја година доаѓам овде. Ќе доаѓам се додека бидам на нозе. Ова за мене е незаборавен настан и не треба да го заборават ниту постарите ниту помладите. Потребно е да се пренесува историјата на ова движење“, порача Аљиќ.
Учесниците на Игманскиот марш со звуците на партизанските песни, знамето на поранешна Југославија, сликата на Јосип Броз Тито и транспарентите со порака ‚‚Друже Тито, ми ти се кунемо“, како и знамето на СУБНОР и државното знаме на БИХ, од местото Хаџиќи кај Сараево во утринските часови пешки тргнале кон Велико поље на Игман.
На маршот земаа учество луѓе од разните краишта на БИХ и соседните земји, припадници на сите генерации, од најмладите, тинејџерите, младинците, до најстарите антифашисти.
Пред поаѓањето на споменикот на Брезовача положија венци и цвеќе, со минута молк и учење на Фатиха (молитва) одадоа почест на борците-партизани загинати во Втората светска војна погребани на тоа место.
news_share_descriptionsubscription_contact
