Admir Fazlagic
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со проекција на документарниот филм „Трст, Југославија" на младиот италијански режисер Алесио Боѕер вечерва во кино „Милениум“ во Скопје , во организација на Амбасадата на Италија во Македонија беше отворена 17. Недела на италијанскиот јазик во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Тема на ова издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот е „Италијанскиот јазик на големиот екран и во кинематографијата". Неделата ќе опфати културни настани посветени на промоцијата и ширењето на италијанскиот јазик и култура, а особено на соодносот помеѓу италијанскиот јазик и светот на филмот.
На вечерашниот настан присуствуваше премиерот на Република Македонија Зоран Заев, кој обраќајќи им се на присутните изрази задоволство што има можност да присуствува на отворањето на Недела на италијанскиот јазик и култура во Македонија, истакнувајќи дека ова е настан кој претставува мост на соработка помеѓу Македонија и Италија.
„Република Македонија и Република Италија редовоно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката. Континуираната билатерална соработка е потврда дека Република Македонија и Италија, како наш голем пријател и поддржувач негуваат одлични односи и исклучителна соработка во областа на културата, науката и образованието. Културните настани во рамките на оваа соработка, покрај економската и политичката, несомнено ги продлабочиле и унапредиле врските меѓу двете земји и станале инспиративен пример за успешна и плодна меѓународна соработка", рече Заев.
Карло Ромео, амбасадор на Италија во Македонија говорејќи за важноста на одбележувањето на Неделата на италијанскиот јазик во светот рече дека тој е четврт изучуван јазик во светот, наведувајќи дека секој јазик е богаство бидејќи отвора нови можности и руши многу бариери.
„Италијанскиот јазик е пасош. Имено, на секое ќоше од светот ќе сретнете еден италијанец којшто е на пат околу светот. Поради тоа се изучува овој јазик, поради тоа и младите тука сакаат да го изучуваат овој јазик. Како што истакнува и Советот на Европа изучувањето на јазици е од големо значење затоа што со него се постигнува целта за зголемување на повеќејазичноста и меѓукултурниот дијалог и за поттикнување на јазикот во текот на целиот живот, како во рамки на учењето за студиски цели, така и за професионални цели, за мобилност, или пак за лично задоволство", порача Карло Ромео.
- Режисерот Боѕер: Некои земји освен заедничко минато, можат да имаат и заедничка иднина
„Трст, Југославија" е документарен филм кој содржи сведоштва на обичните граѓани како и на некои познати личности (Раде Шербеџија, Горан Бреговиќ, Славенка Дракулиќ) за улогата на градот Трст, односно на Италија, како „порта" кон Западот за тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Според авторот Боѕер, филмот е мозаик на приказни и сведоштва на актери, интелектуалци, филозофи, антрополози, историчари, музичари, но и обични луѓе од тоа време, кои ги споделуваат своите искуства, нивните патувања со автобус, воз или автомобил за да заминат во Трст.
„Додека го снимав овој филм сфатив за тоа колку голема историја раскажувам, не само историја за градот Трст, туку историја на милиони личности којшто го доживеале овој град, затоа одговорноста пред овој филм беше голема", истакна режисерот Боѕер кој додаде и дека се сретнал со многу различни приказни и сведоштва на народи од балканските простори за кои рече дека се извонредни и неповторливи.
Овој филм, како што порача тој претставува и своевидна најава дека „некои земји освен заедничко минато, можат да имаат и заедничка иднина."