СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Алесио Боѕер е млад италијански режисер кој овие денови престојува во Република Македонија по повод премиерата на неговиот авторски документарен филм „Трст, Југославија“, кој премиерно е прикажан на отворањето на 17. Недела на италијанскиот јазик во светот.
Кој е мотивот од денешен агол да се разработи и да прикаже едно документарно филмско остварување коешто ја третира темата поврзана со италијанскиот град Трст и поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), каков е денеска Трст, а каков Балканот и луѓето што живеат во него, се само дел од темите за коишто во разговор за Anadolu Agency (AA) говори режисерот Боѕер.
„Трст, Југославија“ е документарен филм којшто содржи сведоштва на обичните граѓани, како и на некои познати личности, меѓу кои се вбројуваат познатиот холивудски актер со потекло од балканските простори, Раде Шербеџија, музичарот Горан Бреговиќ, како и хрватската новинарка и публицист Славенка Дракулиќ, за улогата на градот Трст, односно на Италија, како „порта“ кон Западот за тогашната Југославија.
- „Трст беше значајна дестинација за луѓето од Југославија“
Боѕер открива дека идејата за филм поврзан со Трст и Јуславија потекнува од неговата желба да направи нешто, со што од денешна перспектива би можеле најдобро да се претстават и да се објаснат нештата што се случувале пред повеќе од три или четири децении.
„Снимајќи го филмот, снимајќи ги сведоштвата на луѓето, на почетокот од работата во сите земји од поранешна Југославија, низ разговорите забележав дека градот Трст имал исклучителна важност за сите овие народи токму во тој период. Јас лично немам директни сеќавања, бидејќи сум бил премногу мал, а и во саботите, кога народот од поранешна Југославија доаѓал во Трст, сите граѓани на Трст заминувале некаде на викенд, но насловот за овој филм е од таму – од сознанието колку бил значаен Трст за овие луѓе во тој период“, открива режисерот Боѕер.
Понатаму, тој раскажува дека отсуството на народите од поранешна Југославија коишто доаѓале во Трст се почувствувало нагло, веднаш по блокирањето на границите во 1985 година. Луѓето послабо доаѓале, а особено по војната на Балканот во деведесеттите години од минатиот век, луѓето од овие простори престанале да доаѓаат во Трст.
„Да кажеме дека тоа нагло прекинување на присуството на народите од Балканот беше доживеано како шок. Веднаш се почувствува нивното отсуство, но низ годините се променија односите меѓу Трст и балканските земји. Во Трст денес не се чувствува некаква особена носталгија кон Балканот, напротив, луѓето од Трст повеќе патуваат во земјите од Југославија, повеќе отколку што патуваат во Милано. Всушност, многу почесто одат во Љубљана и во Загреб, затоа што ги чувствуваат како блиски градови, многу повеќе, отколку на пример Милано или Удине“.
Во тој контекст, гледајќи ги сведоштвата од тогашен Трст, кој како што велат соговорниците во документарецот, со години често го посетувале илјадници луѓе од Југославија, кои таму оделе поради разни причини, но најчесто на шопинг, а во најголем дел купувале фармерки и го пиеле вкусното кафе во центарот на градот.
Со текот на времето, трговците од Трст почнале да го учат јазикот на југословените, со цел полесно и побрзо да ги совладаат јазичните бариери со своите многубројни купувачи. Режисерот Боѕер, сепак, недвосмислено открива дека перцепцијата на граѓаните на Трст за Југословените не била позитивна.
„Филмот денеска ни служи за да разбереме, од денешна перспектива, што се случувало пред 30-40 години. Тогаш, за жал, перцепцијата на овие приближно 300.000 луѓе коишто со презир биле нарекувани 'Југи', не била многу пријатна, тоа била една огромна хомогена маса на луѓе коишто доаѓале да пазарат на плоштадот Понтеросо“. Жителите на Трст чекале да падне ноќта за народот да замине, па да почнат да излегуваат. Во таа смисла, важно е од денешна перспектива да се протолкува тој феномен и да се толкуваат мотивите на луѓето коишто патувале таму. Сигурно немал ист мотив некој од Загреб и некој од Скопје. Затоа ми е важно да ги соберам и денешните сведоштва, за да се увиди зошто луѓето тогаш решавале да одат во Трст“, вели Боѕер.

- Пазарот Понтеросо во Трст: Омилена дестинација на Југословените
Во филмот којшто сведочи за масовното присуство на тогашните Југословени во овој град на северот од Италија, посебно место зазема градскиот пазар Понтеросо, кој во тогашно време претставувал место, како што се вели во филмот, „каде што капитализмот и социјализмот најдобро соработуваат“.
Соговорниците се присетуваат како луѓето од Балканот ги преплавувале улиците на Трст, најчесто за време на викендите, патувајќи со автобуси или со тогашниот нивен популарен автомобил „Застава 750“, кој бил своевиден синоним за Југославија и за нејзиниот народ.
Неговиот документарен филм го гледа како своевиден придонес за разбирање на толкувањето на границата.
„Со еден кус документарец, многу е тешко да се протолкуваат општествените феномени, но она што е важно е што овој филм може да придонесе за разбирање на толкувањето на границата. На границата не се гледа толку како разграничување на народите, како поделба, туку како место за размена и соединување, како место каде што почнува да се раѓа нешто ново. Не само Југословените, туку и многу жители од Трст патувале во земјите од поранешна Југославија. Тоа е пораката и на филмот, дека границата е место и за размена и за соединување, а не само на поделби“, смета Боѕер, наведувајќи и дека документарецот е само еден инструмент којшто може да пренесе приказни и раскази што многу малку луѓе ги знаат.
Меѓу другото, режисерот објаснува и дека во овој филм се раскажуват некои детали и приказни коишто може да ја подигнат свеста за одредени општествени феномени.
„Да речеме дека во Италија, Балканот како феномен и натаму е мрачен, темен, нејасен, но и многу сложен феномен, не поради односи на анимозитет туку поради проблемот на неразбирање, а за тоа уште поодговорна е и војната во деведесетите којашто уште повеќе го отежна разбирањето на Балканот“, појаснува младиот режисер.
- Анегдота: Како фармерките од италијанскиот град Трст, Југословените ги продаваа во турски Истанбул
Осврнувајќи се на голем број лични сведоштва и приказни кои ги слушнал од своите соговорници, младиот италијански режисер Алесио Боѕер во разговорот за АА сподели анегдота, раскажана од возач од Сараево, која говори за досетливоста на луѓето од тогашна Југославија, кои фармерките од Трст ги продавале во Истанбул.
„Има една интересна анегдота што ми ја раскажа возач на автобус од Сараево кого го интервјуирав. Постоела ноќна автобуска линија Сараево -Трст за купувачи на фармерки, кои оделе во Трст, ги купувале фармерките и се враќале за Сараево, па веднаш фаќале автобус за Истанбул, каде што ги продавале фармерките по цена многу поголема од реалната, така што со еден пар продадени фармерки во Истанбул можеле да си купат многу повеќе работи. Ете, ова е интересен триаголник Сараево - Трст, Сараево - Истанбул, којашто зборува за врските на балканските земји со Трст и со Италија“, раскажа Боѕер.