ИСТАНБУЛ (АА) - МУЏАХИТ ТУРЕТКЕН -
Денес се одбележува 70. годишнина од егзекуцијата на четворица млади членови на движењето „Јуџел“, основано со цел да ги сочува националните и духовни вредности на Турците кои живеат во Македонија. Овие млади момци беа егзекутирани на 27 февруари 1948 година од страна на раководството на социјалистичка Југославија.
Јилдирим Аганоглу, истражувач-писател, автор на книгата „Една борба за отпор во Југославија за време на Втората светска војна: Движењето 'Јуџел' “, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за движењето 'Јуџел' и четворицата егзекутирани млади членови на ова движење. Тој истакна дека за време на Втората светска војна, во 1941 година, период кога Скопје било под бугарска окупација, темелите на движењето 'Јуџел' се поставени од страна на младите турски интелектуалци, Шуајб Азиз, Назми Омер, Шерафедин Ферид, Фетах Сулејманпашиќ и Мехмед Далип.
Аганоглу нагласи дека поголемиот дел од членовите на движењето го сочинувале млади наставници. Тој вели дека младите во првиот период преку читање на дела на писателите и поетите Намик Кемал, Мехмет Акиф Ерсој и Мехмет Емин Јурдакул се собирале со цел зајакнување на свеста кон турската припадност и посветеноста кон исламот, додавајќи дека никогаш не извршиле некоја оружена активност.
Аганоглу истакна дека Турците Јуџели доброволно го заштитувале турскиот конзулат во Скопје од рациите на бугарските окупатори во тоа време, а околу именувањето на движењето го рече следното:
„Називот Јуџел е ставен лично од претседателот на движењето, Шуајб Азиз, дипломиран на Ал Азхар (универзитет во Египет). Љубовта на Турците кон слободата, воздигнувањето и глорификацијата е одразена и врз знамињата на 16 империи и бројните држави (турски држави низ времето). Орел, полумесечината, пет ѕвезди, месечина и ѕвезда се симболи пресликани на овие знамиња. Значењето на овие симболи се 'возвишен и висок'. Името 'Јуџел' е слоган за акција чија цел е напредок“.
Аганоглу потсети дека Социјалистичката Федеративна Република Југославија е формирана во 1945 година по завршувањето на Втората светска војна, под водство на Тито.
„Откако заврши бугарската окупација, младите Јуџели најпрвин започнаа со објавање на весникот „Бирлик“ (Единство) на турски јазик. Театарските претстави ги преведувале на турски јазик. Започнаа со одржување радио-емисии и курсеви за наставници. 'На нашите територии се формира една социјалистичка држава. Се брани братството и еднаквоста на народите. Тогаш и ние да бидеме дел од новата управа и да овозможиме Турците да бидат застапени подеднакво во државата', беше целта на припадниците на Јуџел. На пример, судијата Назми Омер работеше во судот во Скопје. Голем број млади наставници по професија, работат во новоформираните училишта. Во време кога сѐ уште не постоеше Кривичниот законик на Југославија, припадниците на Јуџел се обвинуваат и осудуваат како припадници на терористичко и шпионско движење. Но, тие немаат ниту една оружена активност. Се тврдеше дека се шпиони на Турција, но во време кога е формирано движењето не постоела социјалистичка Југославија, туку имало бугарска окупација. Постои ваква контрадикција. Режимот на Тито ги рушеше и ги казнуваше со тешки казни, вклучувајќи и егзекуција, лидерите на структурите како српските националисти 'Михајловисти', албанските националисти 'Албанската национал-демократска' структура, како и 'Младите Муслимани' формирана од страна на Алија Изетбеговиќ во Босна. И движењето Јуџел може да се смета на тој начин“, рече Аганоглу.
- Смртна казна по шест дена судење без адвокат -
Како што истакна Аганоглу, откако членовите на „Јуџел“ биле приведени, тие биле изложени на големи измачувања, и неправедно биле осудени без да им се обезбеди адвокат. Аганоглу нагласи дека по шестдневно судење им биле изречени смртни и тешки затворски казни.
Аганоглу посочи дека комунистичкиот режим имал за цел уништување на сите елементи кои ги сметале за закана. „Најпрвин 17 припадници на 'Јуџел' биле приведени 3 месеци, и во тој период биле изложени на измачувања. На 19 јануари 1948 година биле изведени пред суд. Судењето траело само шест дена. На четворица им е изречена смртна казна. Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер се осудени на смрт, а на 64 лица им се доделени тешки казни. Всушност, бројот на членовите е уште поголем. Но бидејќи не била водена евиденција за членството, можело да се фатат само толкав број лица и да бидат осудени“, додаде тој.
Исто така, Аганоглу рече дека во судскиот состав се наоѓал и Ремзи Шакир, судија Турчин кој соработувал со режимот.
По судењето, како што рече Аганоглу, четирите лица биле стрелани во село, недалеку од Скопје. „Стрелањето е казна која се спроведува кај предавниците на татковината. Спроведена е понижувачка казна. А потоа никому не соопштиле каде се погребани, со цел нивните гробови да не бидат посетувани и тие да не бидат претворени во херои“, нагласи Аганоглу.
- Порака на хартија од чоколадо -
Аганоглу истакна дека претседателот на движењето, Шуајб Азиз, последен пат се сретнал со неговото семејство откако му била изречена смртната казна. „Забрането беше испраќање писмо, како и тестамент. Неколку дена пред егзекутирањето се сретнал со неговото семејство. Семејството дошло во посета и му донеле чоколадо. Откако неговото семејство заминало, Шуајб Азиз напишал емотивно писмо на хартијата од чоколадо. Ја завиткал и ја ставил меѓу поставата на неговиот капут. Знаел дека по неговата егзекуција, неговата облека ќе биде доставена до неговото семејство и писмото ќе стигне до нив. Оргиналното писмо моментално го има мојот студент, Ерен Ириш, кој подготвува докторска дисертација на оваа тема, чии дедовци биле припадници на 'Јуџел'“, рече Аганоглу.
Аганоглу нагласи дека во писмото напишано на османлиски јазик се наоѓаат следните изјави:
„Моја брачна другарке Ниѓар, мои деца Улкер, Туран, Ертан и мојот мал сину (Арслан), се разделувам од вас. Не можев доволно долго да го проживеам животот со вас. Судбината така ми била пишана. Ниѓар, ти си сигурноста на моите деца. Грижи се за нив како твоите две очи. Не ме вади од сеќавањата. Прости ми. Нека ми прости и мајка ти. Нека ми прости и твојот брат. Им ги бакнувам рацете. Секогаш бакнувај ги и помирисај ги децата за мене. Обиди се да ги школуваш. Немој да живеете во таа куќа, обидете се да живеете во некоја друга зграда. Од денес, моите деца немаат татко. Имаат само една мајка, и тоа, една мајка која нема никого. Нека ѝ веруваат. Простете ми. Јас сум жртва за мојот народ“.
- „Нека живее Турција“ -
Аганоглу рече дека судијата Назми Омер е првиот Турчин кој дипломирал на правниот факултет на Универзитетот во Белград. Тој рече дека Назми Омер бил приведен девет месеци по неговата венчавка, а неговото дете се родило додека тој бил во затвор.
„Неговата сопруга, мајката и таткото, 6 браќа и сестри, како и тримесечната ќерка одат в затвор. Хаџер Јуџел, сопругата на егзекутираниот Назми Омер, ја раскажа нивната последна средба: „Тој стоеше од другата страна на жиците. Ни велеше 'Не плачете, зошто плачете, јас одам, но вас ве оставам аманет на милиони браќа и сестри (мисли на Турција). Нека живее Турција'. Тоа го рече, и го фатија за рака и го однесоа. Оттогаш не го видов. Не го видов и неговиот гроб“, раскажа Аганоглу.
Аганоглу истакна дека во затворите немало легла, секој носел свое легло. Леглото на Назми Омер, по неговата егзекуција му било вратено на неговото семејство. „Херојот Назми Омер, пред егзекуцијата, напишал порака во леглото до неговата мајка и татко, како и своите браќа и сестри во кое вели: 'Добро грижете се за мојата сопруга Хаџер и ќерката Ајла'. По 1957 година, Хаџер Јуџел заедно со нејзината ќерка мигрира во Турција каде починала без да се омажи по вторпат“, нагласи Аганоглу.
- Миграциски бран кон Турција -
Во понатамошните години, како што рече Аганоглу, Тито покажал полиберален став кон различни религии и нации во споредба со другите комунистички режими и лидери, став кој создава контрадикции. „Тито во 1950-тите години им ги даваше сите права на Турците, кои ги бараа припадниците на Јуџел. Правото на настава на турски јазик, курсеви за наставници на турски јазик, весник на турски јазик, радио-емисии, театарски претстави... Ако секое барање е исполнето, тогаш какво терористичко движење се тие?“, рече тој.
Аганоглу истакна дека откако Југославија под водство на Тито го напушти Информбирото (познато и како Коминформ), воспостави добри односи со Турција, и во согласност со договорот постигнат од двете страни, повторно започнал миграциски бран кон Турција. Тој додаде дека бројот на турското население се намалило по егзекуцијата на припадниците на „Јуџел“.
„Со поттикнување на слободната миграција од страна на двете страни, од 1952 до 1957 година, околу 200.000 Турци, Албанци и Бошњаци кои живееле во Југославија, мигрирале во Турција. Овие миграции продолжиле до 1967 година. Тоа е едно движење за намалување на турското и муслиманското население. Државите републики имаат еден поттикнувачки став, наместо да го спречат мигрирањето од Балканот. Земјата има потреба од квалификувано население, особено по владеењето на Демократската партија. Во Македонија сè уште постојат околу 100.000 Турци. Доколку не беа миграциите по 1950 година, во неа ќе имаше многу влијателно турско население“, нагласи Аганоглу во разговор за Anadolu Agency (AA).
Аганоглу информираше дека Федерацијата на балкански здруженија Румели и Здружението за култура и солидарност на Турците од Румелија, се раководени од страна на припадници на „Јуџел“ кои од Скопје мигрирале во Турција и веќе долги години одржуваат комеморативни средби во последната недела на месец февруари.
На крај, Аганоглу истакна дека Турците во Македонија, кои напредуваат по патот кој го отворија припадниците на „Јуџел“, денеска ги имаат своите демократски права и на некој начин денеска работат за пријателството и братството меѓу Македонија и Турција.
news_share_descriptionsubscription_contact
