Andaç Hongur Erpehlivan,Sefa Mutlu
14 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција во областа на одбранбената индустрија е влезена во лигата на гиганти, и покрај глобалните банди кои сакаа Турција да зависи од нив, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган говореше во Конгресниот центар во Истанбул на собир во организација на турскиот синдикат Мемур Сен.
Говорејќи за успесите што Турција ги постигна во последните две децении, Ердоган порача: „Зад секој успех што го постигнавме во последните 19 години се крие многу сериозен труд, трпение, стратегија и работа.“
Тој истакна дека Турција има вложено големи напори да ги подигне стандардите на демократијата и дека нејзините напори се саботирани со провокации, државни удари и политички убиства. Сепак, како што рече, не е дозволено да се запре нејзиниот успех.
Турскиот претседател се осврна и на успесите во областа на одбранбената индустрија.
„Имаме ли наши беспилотни летала (IHA)? Имаме. Имаме ли наши вооружени беспилотни летала (SIHA)? Имаме. Сега одиме на уште еден сегмент погоре. Имаме и свои јуришни беспилотни летала Акинџи“, рече Ердоган, и додаде:
„Во областа на одбранбената индустрија влеговме во лигата на гиганти и покрај глобалните банди кои сакаа да зависиме од нив.“
Турскиот претседател вчера присуствуваше на церемонијата по повод поврзувањето на последниот сегмент од конструкцијата на мостот „Чанаккале 1915“ преку мореузот Дарданели, со што Турција на уште една точка ја спои Европа со Азија, и најави дека мостот ќе биде отворен до 18 март 2022 година, на годишнината од турската поморска победа кај Чанаккале.
„Се надеваме дека овој огромен мост, долг 4.200 метри, ќе го отвориме пред 18 март“, рече турскиот претседател.