Ekipa
14 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
КОКС БАЗАР (АА) - Турскиот амбасадор во Бангладеш, Мустафа Осман Туран, изјави дека Турција ќе продолжи со сесрдната хуманитарна поддршка за бегалците Рохинџа во Бангладеш до нивното мирно враќање во нивната матична земја Мјанмар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како дел од дводневната посета, Туран ги посети бегалците Рохинџа во кампот во Кокс Базар, Бангладеш, дом на повеќе од 1,2 милиони Рохинџа муслимани , од кои најголем дел избегаа од бруталната акција на војската во државата Ракин во Мјанмар во август 2017 година.
Тој пристигна во кампот во Кокс Базар за надзор на помошта и програмите за обука спроведени од турските организации како што се Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Фондацијата „Дијанет“ и Турската црвена полумесечина.
Туран рече дека Турција секогаш пружа поддршка за намалување на страдањата на Рохинџите од самиот почеток на кризата.
„Ние, заедно со ОН и други [организации], работиме на мирна и достоинствена репатријација на Рохинџите“, додаде тој.
Рохинџите, исто така, ја изразија својата благодарност до турскиот народ и турските власти за поддршката што опфаќа медицински третмани, снабдување со храна, рекреација, стручна обука, психичка поддршка и друго.
„По секоја од петдневните молитви, му се молиме на семоќниот Алах за благосостојбата на турскиот претседател (Реџеп Таип) Ердоган и турскиот народ бидејќи тие ни помагаат како браќа од самиот почеток на нашите големи страдања во 2017 година“, истакна Мевлана Абул Калам Азад, имамот на џамијата во кампот на Рохинџите.
Комесарот за помош и репатријација на бегалците, Шах Резван Хајат, и комесарот на Институтот, Мухамад Шамсуд Дуза, исто така, го придружуваа амбасадорот за време на посетата.
Тие изразија благодарност за подигањето на гласот од страна на Турција на глобалните платформи за решавање на прашањето на Рохинџите, како и за континуираната поддршка за насилно раселените жители на Мјанмар.
„Нашата главна цел е репатријација (на Рохинџите) во нивната матична земја Мјанмар што е можно поскоро и во овој поглед, очекуваме многу силна поддршка од Турција“, истакна Хајат.
Амбасадорот Туран, исто така, се сретна со сите 34 одговорни лица за кампот во кујната за топли оброци за бегалците, изградена од ТИКА.
Турскиот амбасадор најпрво ја посети турската теренска болница лоцирана во кампот што се смета за најдобра здравствена установа за бегалците Рохинџи.
Од 1 јуни, болницата опслужува 2.000 Рохинџи, додека медицинската установа е добро опремена со најновата технологија за здравствени услуги.
Во болницата може да бидат хоспитализирани до 30 пациенти, а во итни случаи до 50. Вкупно 80 лица медицински персонал, од кои 13 лекари, моментално работат во болницата, со 26 вработени од бегалците, 22 жители на Бангладеш, а останатите се од Турција.
Амбасадорот го отвори центарот за дистрибуција на храна и игралиштето за децата бегалци, реновирани од ТИКА во кампот бр. 16.
Амбасадорот Туран, исто така, посети ателје за изработка на сапуни и центар за обука по шиење за жени, раководени од турската Фондација „Дијанет“, додека Турската црвена полумесечина раководи со медицински пункт и центар за рекреативно учење за деца.