Ekip?
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Хатиџе Џенгиз, свршеницата на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул, упати апел до Обединетите нации (ОН), Европската Унија (ЕУ) и до американскиот Конгрес за реализирање меѓународна кривична истрага во врска со убиството на Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Џенгиз имаше свое обраќање на прес-конференцијата на тема „Правда за Џамал“, организирана во канцеларијата на ОН во Женева од страна на Здружението на акредитирани дописници во ОН (ACANU).
Модератор на оваа прес-конференција, на која учествуваат бројни претставници на меѓународни медиуми, беше новинарот на АА во Швајцарија, а воедно и член на управниот одбор на Здружението на акредитирани дописници во ОН, Бајрам Алтуг.
„Како што знаете, Џамал беше новинар. Тој беше убиен во официјална мисија, без да има некоја вина. Затоа, овој судски случај е едно прашање кое го заинтересира целиот свет, од аспект на човековите права и хуманитарната димензија. Затоа [извештајот] го гледам како пионер на некои посериозни чекори за Женева и Швајцарија фокусирани кон резултати, во насока на санкции против Саудиска Арабија“, рече Џенгиз.
На прашањата да го прокоментира апелот во извештајот на Агнес Каламард, специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, која упати апел до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за започнување кривична истрага во врска со убиството на Кашоги, како и да коментира за изјавата на портпаролот на Генералниот секретаријат на ОН, Стефан Дујарич, кој вчера изјави дека Гутереш рекол оти ваква истрага е возможна само преку Советот за безбедност на ОН, Џенгиз одговори: „Сметам дека барањето за меѓународна истрага не е некое просто прашање кое може да се остави настрана, и целиот свет да гледа сеир. Сите ние бевме сведоци на вакво убиство во 21 век. Доколку лицето кое беше жртва на ова убиство, се гледа од аспект на Средниот Исток, тој беше личност кој веруваше во демократијата, човековите права и слободата на изразување“, рече Џенгиз, нагласувајќи дека според неа, светската јавност и меѓународните организации ќе преземат чекори во оваа насока, и дека таа ќе ги следи овие чекори.
Џенгиз рече дека повеќе не е возможно да се врати Кашоги, и дека отсега понатаму ќе ја продолжи неговата кауза, со цел да ги брани неговите идеали.
Според неа, членовите на Конгресот на САД нема да молчат за апелите во овој извештај. „Многу поефективно ќе биде меѓународната истрага да се отвори под водство на САД“, рече таа, изразувајќи надеж земјите членки на ЕУ да иницираат такво нешто.
„Не ги слушнав аудиоснимките. Немав такво барање. Не сакав да ги слушам. Не сметам дека ќе биде добро за мене да ги слушам. Да имав такво барање, не знам каков одоговр би добила“, нагласи Џенгиз во врска со аудиоснимките кои се наоѓаат во извештајот на ОН.
Џенгиз изрази голема благодарност до меѓународните медиуми поради нивната заинтересираност во врска со случајот за Кашоги.
„Џамал беше меѓународен новинар. Откако ова му се случи на Џамал, случајот со месеци беше во агендата на медиумите, од хуманитарен, политички и професионален аспект. Сигурно дека тоа е чест и гордост за мене. Бидејќи за првпат во мојот живот сведочам дека едно прашање толку долго остана на агендата на светот“, нагласи Џенгиз.