Ekipa
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека ќе ги убеди Соединетите Американски Држави (САД) и Иран да воспостават дијалог, со цел да се прекинат тензиите во регионот, јавува Anadolu Agency.
Лавров, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Абдулах бин Заид ал Нахјан одржана по нивната средба се осврна на американско-иранските тензии.
Изјавувајќи дека ќе ги убедат САД и Иран да воспостават дијалог, Лавров нагласи: „Ќе ги убедиме нашите американски и ирански колеги да се оддалечат од опасната ситуација и да ги решат меѓусебните проблеми со дијалог на цивилизиран начин. Се разбира, ова ќе значи крај на политиката на ултиматуми, санкции и уцени.“
Лавров, потсетувајќи дека Русија предложила да започне дијалог помеѓу арапските земји од Персискиот Залив и Иран, предупреди дека можните сценарија за војни околу Иран би можеле да создадат меѓународна криза.
„Дијалогот секогаш обезбедува мирно решение на конфликтите, барем за тоа дава многу сериозни шанси. Арапските земји во Заливот на некој начин би можеле да го користат дијалогот“, рече Лавров.
Истакнувајќи дека ако не биде избран патот на дијалогот, тоа ќе доведе до употреба на сила во регионот, Лавров додаде: „Тоа ќе биде катастрофа за Блискиот Исток и Северна Африка и ќе се појави меѓународна криза.“
- „Не смееме да обвинуваме ниту една земја за нападот врз танкерите“ -
Министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Ал Нахјан, одговори на прашањето дали е задоволен од тоа што материјалите за нападот врз двата танкера се доставени до Советот за безбедност на Обединетите нации.
Ал Нахјан, нагласувајќи дека за нападот не може да биде обвинета ниту една земја, рече: „По ова прашање мораме да бидеме многу професионални. За меѓународната заедница треба да има убедливи, потврдени и докажани материјали.“
На прашањето дали Обединетите Арапски Емирати го поддржале повикот на американскиот државен секретар Мајк Помпео за глобална коалиција против Иран тој одговори: „Сиве овие чекори се насочени кон заштита на теснецот и бродовите, а не против Иран.“