Uğur Çil
16 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Анкетата спроведена на темата „Религијата и нејзиното влијание“ покажа дека во земјите од источна Европа и во Русија, религијата има голема улога од политички аспект, додека православните во Русија на тоа гледаат со симпатии, јавува Anadolu Agency (AA).
Центарот за истражување Pew (Пју), со седиште во САД, изврши истражување во кое беа опфатени 25.000 лица во 18 земји.
Истражувањето спроведено во земјите од Источна Европа и во Русија покажа дека чувството за религиозна припадност, втемелено врз религиозното верување и припаѓањето кон одредена религиска група, ги доведува во прашање нивните политички, социјални и културни гледишта. Се покажа дека не исчезнало влијанието на религијата во земјите од Источна Европа и во Русија, и покрај долгогодишната забрана на религијата за времето на Советскиот Сојуз и тогашното атеистичко образование.
Во извештајот се наведува дека по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година, кај голем број луѓе почнува да расте чувството за религиската припадност, и се истакнува дека во земјите од Источна Европа се зголемува христијанско-православното верување.
Според извештајот, во 1991 година, во Русија како православни се изјасниле 37 отсто од населението, додека во 2015 година нивниот број изнесува 71 отсто.
Во Источна Европа, по православните, најголема религиозна група од христијанството се католиците, чија бројност од 1991 година наваму постојано се намалува.
Според направеното истражување, Чешка и Естонија се земји во кои населението во најголема мера се атеисти.
- Религиското убедување влијае и на политиката -
Според истражувањето, католиците во споредба со православците поредовно одат во црква. Од друга страна, поголем е бројот на православците во однос на католиците, кај кои религијата влијае на политичките гледишта.
Во извештајот се наведува и идеологијата што е прифатена кај поголемиот дел од православните, според која „Нашиот народ не е совршен, но културата што ја имаме е над другите култури”.
Извештајот наведува дека религијата има влијание и игра важна улога, особено врз политичките гледишта на луѓето во овие земји, истакнувајќи дека православните во земјите од Источна Европа воглавно се чувствуваат блиски до Русија од политички, социјален и од културен аспект.
- Гледиштата кон Русија и кон Западот -
Во рамките на истражувањето не беа поставувани директни прашања за НАТО и за Европската Унија (ЕУ). Но, на прашањето: „Дали е потребна силна Русија за балансирање на влијанието на Западот?” поголем број од одговорите беа „да” во Русија и во земјите што себеси се сметаат за сојузници на Русија. Интересен е фактот што во Грција и во Бугарија, земји-членки на ЕУ, повеќе од 50 отсто од учесниците во истражувањето на ова прашање одговорија со „да”.
Се покажа дека земјите во кои православното население е мнозинство, Русија ја сметаат како земја заштитничка на православното христијанство. Во Украина, Романија и во Грузија е добиен спротивен резултат.
Повеќе од 50 отсто од учесниците во анкетата изјавиле дека се за блиска соработка на нивните земји со САД и со Западот.
- Правосланите се поумерени кон муслиманите -
Ова истражување го опфати и сегментот на гледиштето на граѓаните во овие земји кон исламското верување. Извештајот покажува дека православните во однос на католиците имаат многу поумерен став кон исламот и кон муслиманите.
Освен тоа, во земјите во кои мнозинство се луѓето од православието, 68 отсто од населението муслиманите ги гледа како граѓани и припадници на своите земји.
Во извештајот може да се забележи дека во земјите во кои мнозинството се православни, значаен дел од населението го истакнува својот сомнеж во демократијата. Исклучок е Грција, во која според извршената анализа, и покрај тоа што е земја со мнозинско православно население, 77 отсто од учесниците во истражувањето веруваат во демократијата.