07 Ноември 2022•Ажурирај: 08 Ноември 2022
ШАРМ ЕЛ-ШЕИК (АА) - Светските лидери пристигнуваат во египетскиот град Шарм ел-Шеик на Црвеното Море за самитот на Обединетите нации (ОН) за клима, КОП27, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самитот, што се одржува од 6 до 18 ноември, започна со говорот на претседателот на КОП26, Алок Шарма, за одбележување на официјалното примопредавање на Египет.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш им посакаа добредојде на неколку лидери меѓу кои и претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Шеик Мухамед бин Зајед ал-Нахјан, францускиот претседател, Емануел Макрон, претседателот на Алжир, Абделмаџид Тебуне, бугарскиот претседател, Румен Радев, и британскиот премиер, Риши Сунак.
На самитот присуствуваат и етиопскиот премиер Абиј Ахмед, кој во Египет пристигна вчера, во својата прва посета од 2018 година.
Помеѓу Египет и Етиопија владее долгогодишен спор околу мултимилијардерскиот проект за браната што се гради на Синиот Нил, главната притока на реката Нил, која Каиро ја гледа како егзистенцијална закана за својот дел од водите.
Според Сајмон Стил, шефот на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, на КОП27 се очекува да присуствуваат 110 лидери и шефови на држави, како и илјадници претставници на граѓанското општество.
На самитот ќе доминира темата за сè поголемата потреба на сиромашните држави за средства со цел да се справат не само со идните влијанија на климатските промени, туку и со веќе постоечките, кои одземаат животи и уништуваат економии.