Mustafa Keleş
19 Декември 2015•Ажурирај: 20 Декември 2015
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД) Џон Кери рече дека во меѓународната заедница постојат одредени разлики во мислењата околу иднината на сирискиот претседател Башар Ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
„Свесни сме дека пред нас постојат одредени препреки“, рече Кери, откако Советот за безбедност, синоќа, едногласно ја усвои резолуцијата со која се поддржува мапата на патот на мировниот процес во Сирија.
Во резолуцијата се наведува дека мировните преговори, кои ги поддржува ОН, како и прекинот на огнот треба да започнат во јануари.
На состанокот во Њујорк присуствуваа министрите за внатрешни работи на САД, Русија, Турција, Кина, Египет, Франција, Германија, Иран, Ирак, Италија, Јордан, Либан, Оман, Катар, Саудиска Арабија, ОАЕ и Велика Британија, како и претставници на ОН, Европската унија и Арапската лига.
„Многу земји, но и ние, сметаме дека Асад изгуби доверба дека може да ја води земјата. Меѓутоа, не го делат сите тоа мислење“, додаде Кери.
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд, рече дека мирот и единството во Сирија нема да се постигнат сè додека е Асад на власт.
„Рано е да се каже дека сириската криза ќе заврши, но прифатениот нацрт и донесените одлуки се еден многу важен чекор“, рече Хамонд.
Министерот за надворешни работи на Франција Лорен Фабиус, смета дека се потребни преговори помеѓу сириската влада и опозицијата, но дека тоа ќе може да се направи само доколку Асад си замине.
„Оној кој убива еден дел од народот, како може да го обедини народот? За нас е неприфатлива идејата Асад да учествува на изборите“, смета Фабиус.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кажа дека Асад не го сопре бомбардирањето со барел бомби и покрај дадениот збор.
Бан истакна дека што поскоро мора да престанат нападите врз цивили.
Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, смета дека „народот треба да одлучи за иднината на Сирија и за нејзиниот лидер“.