ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - БЕТУЛ ЈУРУК - На средбите на 73. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), и оваа година се интензивирани барањата за реформи во рамките на ОН. Лидерите се здружија против американскиот претседател, Доналд Трамп, кој го одби глобалниот повеќенационален систем, истакнувајќи дека е потребна заштита на „мултилатералниот систем“, пишува Anadolu Agency (AA).
Иако на Генералното собрание на ОН на дневен ред беа Сирија, излегувањето на администрацијата на Трамп од Договорот за нуклеарната програма со Иран и Договорот за климатските промени, барањата за реформи за повеќе глобални прашања, оваа година во фокусот на дискусиите на 193 члена на ОН беше „мултилатералниот систем“, заштитата и одржувањето на глобалната соработка.
Додека се зголемува јазот меѓу американската администрација и останатите значајни земји околу глобалниот систем, немањето консензус во меѓународните односи меѓу овие земји се рефлектираше врз точките од дневниот ред на Генералното собрание на ОН.
- Претседателот Ердоган повторно упати повик за реформи во СБОН
И оваа година, како и на сите претходни средби на ОН на кои учествуваше досега, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, значаен дел од своето обраќање пред членовите на Обединетите нации посвети на реформите во ОН.
Истакнувајќи дека ОН не ги извршуваат своите функции на глобално ниво и не застануваат покрај угнетуваните, Ердоган упати повик за реформи во Советот за безбедност на ОН (СБОН).
Со изјавата „Светот е поголем од 5“, кој стана еден вид симбол, со кој Ердоган упати повик за реформи во СБОН, оваа година турскиот претседател преку својот профил на Твитер, под хаштагот „#WorldIsBiggerThan5“ ја сподели објавата „Потребно е Обединетите нации да ги донесеме во состојба на извор на правда, а не на прогон. Турција прави сѐ што е во нејзина моќ светот да стане пофер.“ Оваа негова изјава, на светската листа на објави стана „Trend Topic (TT)“.
- Трамп остана на ставот „Првенствено САД“
Во неделата на висока дипломатија, во која стана збор каква треба да биде глобалната соработка во 21. век, оваа година по вторпат од бината на ОН се обрати Трамп, и исто како и минатата, во својот говор беше фокусиран на „Првенствено САД“, што не беше топло пречекано од лидерите на останатите земји членки.
Трамп, со изјавата „За период пократок од две години, мојата администрација постигна поголем успех од речиси сите претходни администрации“ предизвика потсмев кај лидерите, додека друга изјава на Трамп, која остави печат, беше критиката упатена кон Кина за воведувањето нови тарифи на американските производи, во која тврдеше дека Пекинг се обидува да влијае на изборите на Конгресот во ноември.
- Главна тема на Трамп беше Иран
Минатата година, обраќајќи му се на лидерот на Северна Кореја како „човек ракета“, Трамп се закани дека Северна Кореја ќе ја срамни со земја. Оваа година во фокусот на дискусиите на американскиот претседател беше Иран.
Освен тоа, 73. Генерално собрание на ОН беше сцена на меѓусебни обвинувања и закани меѓу Трамп и претседателот на Иран, Хасан Рохани.
Трамп, во вториот ден од средбите од Генералното собрание на ОН, на кои за првпат претседаваше со СБОН на седницата за Иран, тој го бранеше ставот за повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарната програма со Иран и ја обвини оваа земја дека е причина за „насилство, терор и уништување на Блискиот Исток“.
- Остра реакција од Иран кон САД
Иранскиот претседател Рохани, во своето обраќање кое беше очекувано со нетрпение, упати критики кон Трамп дека се однесува „како заповедник, спротивно на меѓународниот поредок“, привлекувајќи го вниманието со изјавата дека Трамп „страда од недостаток на разум“.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој ја критикуваше визијата на Трамп за надворешната политика, собра многу симпатии во својот говор кој беше фокусиран кон „мултилатералниот систем“.
Макрон, кон кого се гледа како кон еден од најголемите поборници на мултилатералниот систем, две други точки на кои се фокусираше беа Парискиот договор за климатските промени и излегувањето на САД од Договорот за нуклеарната програма со Иран.
- Абас критикуваше, Нетанјаху се заблагодари
Двајца лидери кои на 73. Генерално собрание на ОН излегоа со дијаметрално спротивставени излагања беа претседателот на Палестина, Махмуд Абас и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху. Додека Абас остро ја критикуваше администрацијата на Трамп, Нетанјаху упати само пофалби.
Абас рече дека со американските одлуки, како што се признавањето на Ерусалим (Кудс) за „главен град на Израел“ и прекинот на хуманитарната помош за Палестинците, се „поткопува решението за двете држави“. Тој додаде дека Ерусалим не е на продажба и правата на палестинскиот народ не може да бидат предмет на преговори.
Од друга страна, Нетанјаху, кој истакна дека Трамп е еден од најмоќните поддржувачи на Израел, ѝ се заблагодари на Ники Хејли, постојаната претставничка на САД во ОН, за поддршката што САД ѝ ја даваат на неговата земја.
- И Германија побара реформи
Една од земјите во ОН кои инсистираат на реформи во Обединетите нации стана и Германија. Германија особено бара спроведување на реформи во Советот за безбедност на ОН.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), клучно тело на ОН за донесување одлуки за мир и безбедност, составено е од 15 членки, од кои 5 се постојани. Постојани членки се САД, Русија, Кина, Франција и Британија. Овие земји еднострано можат да стават вето при усвојувањето на нацрт-резолуциите. Германија, како една од земјите во ОН, која обезбедува најголем придонес во буџетот на ОН, често упатува барање да стане постојан член во Советот за безбедност на ОН.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со изјавата „ЕУ силно ги поддржува напорите за реформи во ОН. Крајно се неопходни реформите во ОН“, уште еднаш повтори дека се потребни итни реформи во ОН, посочувајќи дека столбот на ОН го сочинува мултинационалниот систем.
Во неделата на висока дипломатија во Генералното собрание на ОН, предизвикувајќи насмевки, вниманието врз себе го привлече премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, со своето 3-месечно бебе.
Ардерн е првата жена лидер која на Генералното собрание на ОН во Њујорк дошла со бебе. Таа доби голем аплауз во своето обраќање во кое ја истакна борбата на движењето „MeToo“ за родова еднаквост, и за обвинувањата за сексуални вознемирувања, кое беше поддржано од голем број земји од светот.
- Обраќање на Генералното собрание на 4 јазици
Говорник, кој беше меѓу оние кои добија најголем аплауз во своето обраќање на 73. Генерално собрание на ОН беше австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, која се обрати на четири јазици, прво на арапски, а потоа продолжи на француски, шпански и англиски.
Оваа година, најстар говорник на Генералното собрание на ОН беше 93-годишниот премиер на Малезија, Махатир Мухамед. На подиумот на Генералното собрание на ОН со количка дојде претседателот на Еквадор, Ленин Морено, кој во својот говор ја истакна потребата за отстранување на бариерите пред лицата со посебни потреби и за заштитата на нивните права.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Кина, Си Ѓинпинг и германската канцеларка Ангела Меркел оваа година не учествуваа на Генералното собрание на ОН. Лидерката на Мјанмар, Аун Сан Су Чи, која остана нема на реакциите и повиците на меѓународната заедница на сите обвинувања за спроведеното злосторство против човештвото врз араканските муслимани, и оваа година, како и минатата, не учествување на Генералното собрание на ОН.
news_share_descriptionsubscription_contact
