Ekipa
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) – СЕЛЕН ТЕМИЗЕР/БУРАК КАРАЏАОГЛУ –
Ум Мухамед, и покрај тоа што билa парализирана по воздушен напад на Асадовиот режим, заедно со своите ќерки била затворена во затвор на режимот на Асад повеќе од две години, пишува Anadolu Agency (AA).
„Видов дека починатите млади лица се фрлаа завиткани во ќебиња. Видов трупови со отсечени екстремитети и отстранети очи“, истакна во разговорот за АА, Ум Мухамед.
Ум Мухамед (55), чиј дом бил погоден во воздушниот напад во Хареста, источно од Дамаск во 2014 година, била ранета од шрапнел во ’рбетот и останала парализирана.
Била пренесена во болница во Дамаск, бидејќи живеела блиску до областа контролирана од страна на режимот, но таму била и приведена.
Таа за АА го раскажа својот живот поминат во центарот за испрашување „Ел Хатип“, заедно со своите ќерки.
„Во болницата, заедно со моите ќерки ме однесоа во една соба. Ја заклучија вратата. Подобро ќе беше да ме одведат во гроб. Медицински третман беше забранет. Само така ме држеа во затвор. Немаше ниту една услуга“, нагласи Ум Мухамед.
- „Секој ден посакував да умрам“ -
„Додека бев во затворот видов многу работи. Секој ден посакував да умрам. Бев болна. Немаше ништо на подот каде што можевме да лежиме. Исто така беа затворени и моите ќерки. И тие беа со мене. Едната ќерка имаше дете. Им велев на надлежните: ’Пуштите ги нив, мене направете ми сѐ што сакате!‘ Нѐ затворија невини и нѐ држеа во заробеништво. Бевме ослободени по 2 години и 1 месец, и нѐ преместија во Идлиб“, рече тој.
Ум Мухамед жали што е сведок на страдањата на своите ќерки.
„Моите ќерки многу страдаа. Беа префрлени во самица. Ги оставија гладни и без вода. Младите луѓе беа претепани и се наоѓаа на границата на смртта. Ги мачеа и дење и ноќе. За нив се молев на Бога. Бевме под земја. Сонце не можевме да видиме. Бевме како заробеници. Во простор од 1,5 метар квадратен се наоѓавме 19 лица. Не можевме да спиеме како што треба. Посакував да умрам, бидејќи повеќе немав сила да издржам. Некој од болните и да се наоѓаше пред умирање, не му даваа лекови. Му велеа ’Умри!‘ Кога сакавме вода, ни носеа од тоалет. Јадење немаше. Внатре имаше инсекти. Рацете на некои млади беа помодрени и со рани од тие инсекти. Што и да раскажам, би било малку.“
- „Не можам да ги заборавам криковите од тортурата“ -
„Не можам да ги заборавам криковите од тортурите што ги слушав таму. Постојано ми се во глава. Не можам да ги заборавам криковите на младите и на жените“, вели Ум Мухамед.
„Видов дека починатите млади лица се фрлаа завиткани во ќебиња. Видов трупови со отсечени екстремитети и отстранети очи. Видов рани предизвикани од тортура. Децата ги разделуваа од нивните мајки, и не се знаеше каде ги носат. Мајките плачеа за своите деца. Децата ги носеле во сиропиталиште. Сакам моите ќерки да се спасат од тука и да бидат заедно со своите сопрузи.“
Ум Мухамед рече дека со помош на Бога се спасиле од затвор, каде што, како што рече, влегле по извршениот воздушен напад.
„Алах ме научи да имам трпение. Додека бев во затвор помислував дека ќе се подобри состојбата, но не помислував дека ќе излезам од таму. Мислев дека ќе умрам таму“, додаде Ум Мухамед.