Ali Murat Alhas
30 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во демилитализираната зона на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Откако се ракуваа, Трамп премина на територијата на Северна Кореја и со тоа стана прв американски претседател кој во својот мандат официјално зачекорил во „непријателската“ држава. ТРТ Ворлд (TRT World) пренесуваше во живо од местото на настанот.
По формалното ракување, двајцата лидери се состанаа во Панмунџон, село што се наоѓа на границата на Јужна и Северна Кореја.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин беше исто така присутен на овој настан.
Во кратко обраќање за новинарите, Трамп изјави дека му претставувало чест да се состане со Ким во демилитализираната зона.
Севернокорејскиот лидер изјави дека тој, исто така сакал да оствари средба со американскиот претседател, со цел да го остават зад себе несреќното минато и да продолжат напред кон иднината.
Трамп и Ким во моментот одржуваат состанок во „Freedom House“ во демилитализираната зона.
Ова го одбележува третиот самит меѓу двајцата лидери кои се стремат да склучат договор за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и да ги укинат санкциите на Северна Кореја.
Состанокот меѓу Ким и Трамп е првпат двајцата лидери да се состанат лице в лице по неуспешните разговори за денуклеаризација во Ханој, Виетнам, минатиот февруари.
Трамп претходно на социјалната мрежа Твитер најави дека би сакал „да се поздрави“ со Ким во демилитаризираната зона.
Северна Кореја, од своја страна, понудата на Трамп ја нарече „интересна сугестија“, додавајќи дека не добила формален предлог за средбата.
Претходно, четворица американски претседатели ја посетија демилиталиризаната зона која ги дели Северна и Јужна Кореја од војната во педесеттите. DMZ - поделената линија меѓу Кореја - е долга околу 250 километри и широка 4 километри. Таа е една од најсилно утврдените граници на светот од 1950-тите.
Оттогаш, технички, корејските ривали се во воена состојба, кога Корејската војна заврши со примирје, а не со мировен договор.
Двајцата лидери првпат се состанаа на историски самит кој беше одржан на 12 јуни 2018 година во Сингапур, каде што разговараа за нуклеарното разоружување на Северна Кореја и за траен мир меѓу земјите.
Вториот самит се одржа во градот Ханој во Виетнам кон крајот на февруари; сепак, брзо се заврши без да вроди со никаков плод.
Подоцна, Трамп рече дека разговорите не се завршени, бидејќи севернокорејскиот лидер побарал да се укинат сите санкции и дека САД не се подготвени да го сторат тоа.
Трамп прогласи своевидна победа во дипломатските преговори со Северна Кореја, велејќи дека Пјонгјанг не вршел понатамошни нуклеарни тестови откако тој започнал преговори со Ким.
Состанокот помеѓу Трамп и Ким се случи откако американскиот специјален претставник за Северна Кореја, Стефан Бигун, во петокот минатата недела во Јужна Кореја рече дека Вашингтон е „подготвен да одржи разговори со Северна Кореја за да ги придвижи преговорите за нуклеарилизацијата на истовремен и паралелен начин“.