Aşkın Kıyağan
04 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ВИЕНА (АА) - Момчето со турско потекло, Микаил Озен, е еден од сведоците на терористичкиот напад во Виена, во кој се убиени четири лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Озен во разговор за АА изјави дека со неговиот пријател Реџеп Таип Ѓултекин сакал да го искористи времето пред да стапат на сила мерките во рамките на спречувањето на ширењето на Ковид-19 и отишле во делот на градот кој е популарен меѓу туристите.
Озен изјави дека откако се паркирале со автомобилот, слушнале бучава, а Ѓултекин видел жена која е ранета од терористот. Момчињата веднаш се одлучиле да ѝ помогнат и да ја префрлат на сигурно.
Тој додаде дека бил изненаден од настанот и дека претходно никако не ни помислувале дека во Австрија би можело да се случи ваков терористички напад. Изјави дека неговиот пријател дошол наспроти терористот, но дека успеал да се спаси. Потоа тргнале во најблиската полициска станица, за да раскажат што се случило.
Додека се оддалечувале виделе постара жена.
„Старата жена, не знаејќи што се случува, одеше во насока на нападот. Ѝ раскажавме што се случи и ѝ помогнавме да биде на сигурно“, изјави тој.
Претпоставиле дека има уште луѓе на кои им е потребна помош и решиле да останат на тоа подрачје.
Кратко потоа, ситуацијата станала поинтензивна, а ранет е и полицаец за кого Озен изјави дека изгубил многу крв, а другите припадници на безбедносните сили не биле во можност да му помогнат.
„На полицајците им велевме дека е ранет нивен колега, а тие нѐ предупредуваа да се оддалечиме. Меѓутоа, одлучивме да отидеме на местото каде што се наоѓаше ранетиот полицаец и да го пренесеме до амбулантното возило“, изјави тој.
Рече дека немаат информација за здравствената состојба на ранетиот полицаец, но дека се надеваат дека тој е добро.
„Нека Алах им се смилува на загинатите, сочувство до семејствата. Не е важна верата или нацијата. Не е важно дали се муслимани или христијани, тероризмот нема нација. Ние се противиме на секаков вид тероризам“, порача Озен.