свет

Саудиска Арабија: Пожарот во резервоарот за гориво резултат на терористички напад

„Овие терористички активности, што се вршат против виталните објекти, ги имаат како цел безбедноста и стабилноста на патот за снабдување со енергија кон светот и светската економија“

Ekipa  | 24.11.2020 - Обновена : 24.11.2020
Саудиска Арабија: Пожарот во резервоарот за гориво резултат на терористички напад

АНКАРА (АА) - Официјален претставник денес изјави дека пожарот во резервоарот за гориво во пристанишниот град Џеда во Саудиска Арабија бил резултат на терористички напад со проектил, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Вчера во 3:50 часот по локално време, експлозија предизвика пожар во резервоар за гориво на дистрибутивната станица за нафтени производи во северниот дел на градот Џеда“, Саудиската новинска агенција (СПА) цитираше изјава на официјален претставник на Министерството за енергетика, без да гонаведе неговото име.

Официјалниот претставник сепак, не посочи група која би можела да стои зад нападот.

Тој додаде дека противпожарните тимови успеале да го изгаснат пожарот и дека не се регистрирани жртви од експлозијата.

Официјалниот претставник, исто така, потврди дека експлозијата не влијаела на набавката на гориво од станицата за потрошувачите.

Претходно во текот на денот, портпаролот на бунтовничката група на Хусите, Јахја Саре, изјави дека групата со ракета ја зеле како цел дистрибутивната станица на саудиската нафтена компанија „Сауди Арамко“ во Џеда.

„Овие терористички активности, што се вршат против виталните објекти, ги имаат како цел безбедноста и стабилноста на патот за снабдување со енергија кон светот и светската економија“, додаде саудискиот официјален претставник.

Бунтовничката група на Хусите постојано најавува напади со ракети и беспилотни летала врз саудиската територија, велејќи дека тие се одговор на нападите врз Јемен на коалицијата предводена од Саудиска Арабија.

Во Јемен веќе подолго време владее политичка нестабилност. Хусите поддржани од Иран од септември 2014 година под контрола го држат јеменскиот главен град Сана и други подрачја.

Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.

Се верува дека повеќе од 100.000 Јеменци, вклучително и цивили, се убиени во конфликтот, што доведе до најтешката хуманитарна криза во светот, со милиони лица оставени во опасност од глад.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.