Beyza Binnur Dönmez
24 Ноември 2020•Ажурирај: 24 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, го именуваше поранешниот државен секретар, Џон Кери, за специјален пратеник за клима на претседателот со цел борба против климатските промени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кери ќе биде првиот службеник посветен на климатските промени што ќе биде дел од Советот за национална безбедност и за неговата улога нема да биде потребна потврда од Сенатот.
Тоа ја одразува „определбата на новоизбраниот претседател за решавање на климатските промени како итно прашање за националната безбедност“, истакна тимот на Бајден во соопштението во кое е објавено назначувањето на Кери заедно со други клучни имиња за надворешната политика и националната безбедност.
„Секретарот Кери ги издигна еколошките предизвици како дипломатски приоритети, почнувајќи од океаните до хидрофлуоројаглеродите. Тој беше клучен архитект на Парискиот климатски договор и го потпиша историскиот договор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид со внуката во својот скут“.
„Америка наскоро ќе има влада што ќе ја третира климатската криза како итна закана за националната безбедност. Јас сум горд што ќе соработувам со новоизбраниот претседател, нашите сојузници и младите лидери на климатското движење како специјален пратеник на претседатлот“, напиша Кери на Твитер.
Џон Кери (76) беше претставник на САД во Парискиот договор за климатски промени во периодот од 2013 до 2017 година, кога служеше како државен секретар во администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.
САД официјално се повлекоа од Договорот на 4 ноември, еден ден по изборите во земјата, откако минатата година започна процесот за повлекување под иницијатива на претседателот Доналд Трамп.
Бајден нагласи дека климатските промени ќе бидат меѓу неговите главни точки на дневниот ред како претседател, очекувајќи враќање кон Парискиот договор.