Michael Gabriel Hernandez
06 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Руските активности го поткопуваат релативното намалување на тензиите во источна Украина меѓу владините сили и сепаратистичките бунтовници, обвинија Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, за новинарите изјави дека дестабилизирачките активности на Русија го поткопале договорот од јули за прекин на огнот, кој навести значително намалување на насилствата.
„Побаравме од Русија објаснување за овие провокации, но што е најважно, она што го сигнализиравме директно со нашите украински партнери е порака на уверување“, рече Прајс пред новинарите. „Ние го поддржуваме Киев. Ние го поддржуваме нашиот партнер Украина пред ова заплашување и агресија.“
На 30 март, Руслан Хомчак, врховниот командант на Украинските вооружени сили, рече дека Русија ја распоредила својата војска во близина на украинската граница за „вежби“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Русија ги преместува своите вооружени сили во рамките на својата територија, и вели дека тие не претставуваат никаква закана за никого.
Прајс изјави дека САД се противат на зголеменото присуство на руските трупи покрај украинската граница, опишувајќи го тоа како причина за загриженост.
„САД сигурно дека ќе бидат загрижени од преземањето какви било напори од страна на Москва, без разлика дали е во рамките на руска територија или во рамките на суверена Украина, за заплашување на нашиот партнер, Украина“, рече Прајс.
Заедно со воената поддршка на сепаратистичките бунтовници во украинските региони Доњецк и Луганск, кои се познати како регион Донбас, Русија во 2014 година, исто така, го зазеде и анектираше украинскиот полуостров Крим, откако испрати војска таму и организираше референдум.
Гласањето беше широко отфрлено од Западот.