свет

САД: Резолуцијата на СБОН со која се бара прекин на огнот во Газа е необврзувачка

„Не ставивме вето затоа што сметавме дека говорот, бидејќи се однесува на прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците, е во согласност со постојаниот став на САД“

Rabia İclal Turan  | 26.03.2024 - Обновена : 27.03.2024
САД: Резолуцијата на СБОН со која се бара прекин на огнот во Газа е необврзувачка

ВАШИНГТОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која беше усвоена синоќа и со која се бара итен прекин на огнот во Газа е „необврзувачка“, јавува Анадолу.

„Тоа е необврзувачка резолуција“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

„Не ставивме вето затоа што сметавме дека говорот, бидејќи се однесува на прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците, е во согласност со постојаниот став на САД“, додаде тој.

Нагласувајќи ги тековните преговори во Доха, Катар, за постигнување прекин на огнот во замена за ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници, Милер рече: „Не можам да кажам дека оваа резолуција ќе има некакво влијание врз тие преговори.“

„Но тие преговори се во тек. Тие беа во тек и преку викендот и постигнаа напредок“, додаде тој.

Според Повелбата на ОН, сите резолуции на Советот за безбедност се обврзувачки според меѓународното право.

Прашан од Анадолу за неколку други земји што тврдат дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН е обврзувачка, Милер одговори: „Нашето толкување на оваа резолуција е дека таа е необврзувачка.“

На прашањето за претходните резолуции на Советот за безбедност на ОН што Израел одби да ги почитува, Милер рече дека САД очекуваат сите нивни земји партнери да го почитуваат меѓународното право.

Амбасадорката на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, рече дека Вашингтон не се согласил со резолуцијата бидејќи го игнорира барањето на САД да се додаде осудата за Хамас.

Иако САД не се согласија со „сè во резолуцијата“, додаде таа, „ние целосно поддржуваме некои од клучните цели во оваа необврзувачка резолуција. И веруваме дека беше важно Советот да проговори и јасно да каже дека прекинот на огнот мора да дојде со ослободување на сите заложници“.

Советот за безбедност на ОН вчера усвои резолуција со која се бара прекин на огнот во Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан, кој започна на 11 март и треба да заврши на 9 април.

Четиринаесет земји членки на Советот гласаа за резолуцијата претставена од 10 избрани членки на телото, а САД беа воздржани.

Во резолуцијата се повикува на „итен прекин на огнот за време на месецот Рамазан, почитуван од сите страни што ќе доведе до траен одржлив прекин на огнот“.

Во неа, исто така, се бара „итно и безусловно ослободување на сите заложници, како и обезбедување хуманитарен пристап за решавање на медицинските и други хуманитарни потреби“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.