свет

Италија најави нова листа царини од ЕУ за американски стоки во вредност од 21 милијарда евра

„Листата на европски царини во вредност од 21 милијарда евра е подготвена, а би можела да се додаде и втора. Уверен сум дека ќе има напредок. Царините им штетат на сите, почнувајќи од САД“, изјави Тајани

İlayda Çakırtekin  | 14.07.2025 - Обновена : 14.07.2025
Италија најави нова листа царини од ЕУ за американски стоки во вредност од 21 милијарда евра

ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, најави дека Европската Унија има подготвено листа на царини во вредност од 21 милијарда евра како одговор на неодамна објавените царини од страна на САД, освен доколку не се постигне договор, јавува Анадолу.

„Листата на европски царини во вредност од 21 милијарда евра е подготвена, а би можела да се додаде и втора. Уверен сум дека ќе има напредок. Царините им штетат на сите, почнувајќи од САД“, изјави Тајани за дневниот весник „Ил Месаџеро“ денес.

Тој истакна дека падот на берзата би ги довел во опасност пензиите и заштедите на Американците и повтори дека нивната долгорочна цел е укинување на царините, овозможувајќи отворен пазар меѓу САД, ЕУ, Канада и Мексико.

„Мојата мантра е да постигнеме двојна нула: без царини меѓу Европа и САД. Сфаќам дека не е лесно, но тоа е единствениот начин заедно да ги развиваме нашите економии“, рече Тајани.

Тој, исто така, ја повика Европа да преговара на смирен и прибран начин „со крената глава“, нагласувајќи дека е „во интерес на сите“ да се избегне трговска војна, бидејќи „на Европа ѝ е потребна Америка и обратно“.

Во саботата, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека од 1 август ќе воведе 30 % царини на производи од Европската Унија и Мексико, со што ги доведе во прашање тековните трговски преговори, кои имаа за цел финализирање на сеопфатен договор до крајот на месецот.

Преку објава на социјалната мрежа „Трут соушал“, Трамп објави копии од писма испратени до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, најавувајќи царина од 30 % на стоки од Европа и Мексико наменети за САД.

Урсула фон дер Лајен изрази подготвеност за постигнување договор со САД до 1 август и најави дека Европската Унија ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на своите интереси, вклучително и усвојување на соодветни контрамерки.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın