Иран: Во американско-израелските напади убиени 193 деца, меѓу кои и осуммесечно бебе
- Според иранските податоци 206 жени и деца се убиени од почетокот на нападите на 28 февруари, меѓу кои и 193 деца под 18 години
ИСТАНБУЛ (АА) – Осуммесечно девојче е најмлада жртва во тековните американско-израелски напади врз Иран, соопшти денес владината портпаролка Фатеме Мохајерани, пренесува Анадолу.
Мохајерани објави податоци дека 206 жени и деца се убиени од почетокот на нападите на 28 февруари, меѓу кои и 193 деца под 18 години, објави државната новинска агенција ИРНА.
Таа додаде дека во американско-израелските напади врз Иран најмлада повредена е четиримесечно девојче.
Според иранските власти, убиени се повеќе од 1.200 лица, меѓу кои и врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи, а над 10.000 се повредени откако САД и Израел започнаа напади на 28 февруари.
Иран го прогласи Моџтаба Хаменеи, син на Али Хаменеи, за нов врховен лидер на земјата.
„Изборот на третиот врховен водач на Исламската Република Иран ја врати кохезијата во земјата и ги наруши пресметките на непријателите“, изјави Мохајерани.
Таа додаде дека Иран не ја започна војната, обвинувајќи ги САД и Израел за спроведување напади додека траеле преговорите.
„Ние не ја започнавме оваа војна, но ќе бидеме тие што ќе ѝ стават крај“, изјави Мохајерани.
Иранските власти се подготвуваат за многубројни сценарија за конфликтот, ветувајќи дека ќе продолжат да ја бранат својата земја.
„Денес Иран стои цврсто и моќно за да се одбрани“, рече Мохајерани.
Техеран возврати со напади со ракети и беспилотни летала врз Израел, како и врз земји во Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
