Betül Yürük
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
ЊУЈОРК (АА) - На Тајмс Сквер, едно од најпознатите места во Њујорк, кое речиси секогаш е исполнето со луѓе, се случи краткотрајна паника кога звукот на мотоцикл на луѓето им наликуваше на звукот на истрели од огнено оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Тајмс Сквер секојдневно го посетуваат илјадници туристи, а поради звукот од мотоцикл, кој е поистоветен со истрели од огнено оружје, меѓу луѓето се случи куса паника кои за кратко време се разбегаа.
Нешто подоцна се дозна дека звуците кои наликувале на истрели потекнувале од еден мотоцикл.
Полицијата на Њујорк по настанот преку својот профил на Твитер објави: „Нема вооружен напад на Тајмс Сквер. Звуците што ги создавал мотоцикл, на луѓето им наликувале на истрели од оружје. Ве молиме немојте да паничите. Тајмс Сквер е прилично безбедна област“.
Изминатиот викенд во градот Ел Пасо во американската сојузна држава Тексас беше извршен вооружен напад врз трговски центар, во кој животот го загубија 22 лица, а 26 беа ранети. Неколку часа подоцна во близина на еден бар во градот Дејтон, во сојузната држава Охајо, беше изведен друг вооружен напад во кој животот го загубија 9 лица.
Американските безбедносни единици спроведоа истрага по која соопштија дека и двата напада се мотивирани од „бел расизам“, а нападот во Тексас го оценија како „внатрешен тероризам“.