Hakan Çopur
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (Пентагон) до Конгресот го испрати извештајот за операцијата „Природна одлучност“ на коалицијата против ДЕАШ за период од април до 30 јуни, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот од 116 страници претежно се тврди дека по физичкиот пораз на ДЕАШ, особено во Сирија, востаничките сили сè уште продолжуваат да се закануваат. Во тој контекст, подготовките за периодот по ДЕАШ треба да продолжат без никакви прекини.
Во делот на извештајот под наслов „Изградба на капацитети на заедничките сили во Сирија“ за активностите предвидени по ДЕАШ стои дека е планирано „зголемување на бројката на припадници на ЈПГ/ПКК“.
- Целта е да се зголеми на 110 илјади -
„Откако ДЕАШ е физички поразен, составот на здружените сили во Сирија се менува, а фокусот ќе биде да се спречи заживувањето на организацијата во Сирија. Планот на здружените сили (во Сирија) е да се помогне да се зголеми бројката на сите заеднички сили за 10 проценти и да се создадат нови сили меѓу компонентите“, се истакнува во извештајот.
Во следниот дел, се истакнува дека се работи на тоа бројката на „заедничките сили“ од 100 илјади да се зголеми на 110 илјади.
Според извештајот, планираните 110 илјади војници од „заедничките сили“ ќе бидат составени од следните компоненти: 30 илјади ќе бидат од терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го користи името СДГ, 45 илјади идентификувани како „Локални сили за внатрешна безбедност“ и 35 илјади од „Силите за внатрешна безбедност“, кои се стационирани во Рака, Мунбич и Деир ез-Зор.
Во извештајот се истакнува дека двете компоненти наречени „Локални сили за внатрешна безбедност“ и „Сили за внатрешна безбедност“ работат во координација со терористичката ЈПГ/ ПКК, која го користи името СДГ. Но во извештајот не е опишана врската меѓу нив.
- Инструкциите на Трамп за „повлекување“ -
Во извештајот се истакнува дека по инструкциите на американскиот претседател, Доналд Трамп, за повлекување од Сирија, бројот на американски сили во земјата се намали релативно и дека таа состојба ги спречува операциите за да се спречи повторното оживување на ДЕАШ.
„Делумното повлекување на САД од Сирија доведе до намалување на поддршката за заедничките сили во време кога им беше потребна обука и опрема за борбата против бунтовничките ќелии на ДЕАШ“, се вели во извештајот.
- Контролата на ЈПГ/ПКК во Деир ез-Зор ги зголемува тензиите -
Од друга страна, во друг дел од извештајот се вели дека во некои области ЈПГ/ПКК предизвикува непријатности кај народот.
На пример, таканаречениот совет основан од терористичката организација ЈПГ/ПКК во Деир ез-Зор, користејќи го името СДГ, предизвикува вознемиреност кај луѓето од регионот, кои повеќето се Арапи, поради што се одржуваат протести по улиците.
Во извештајот, исто така, се наведува дека локалното население протестира против ЈПГ/ПКК, која му продава нафта на режимот на Башар ал Асад.
ЈПГ, инаку сириски огранок на терористичката ПКК, успеа да окупира една третина од Сирија под маската на борба против ДЕАШ со поддршка на САД.
ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, веќе 30 години води терористичка кампања против Турција, во која се убиени речиси 40.000 луѓе.
Соединетите Американски Држави (САД), кои ја сметаат ПКК за терористичка организација, го сменија името на ЈПГ во таканаречени „Сириски демократски сили“ во јули 2017 година, со цел да не се асоцираат со ПКК.
Во последните две години, турските операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ го ослободија дел од регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, овозможувајќи им на стотици илјади раселени цивили да се вратат во своите домови.