Ekipa
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) денеска објавија нов договор за снабдување со дополнителни количества течен природен гас за Блокот со цел да се ограничи неговата зависност од увезување од Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„САД заедно со меѓународните партнери ќе работат на обезбедување дополнителни 15 милијарди кубни метри течен природен гас за Европа оваа година“, соопшти американскиот претседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Договорот е дел од планот на Европската Унија за намалување на зависноста од руските енергенси - намалување на увозот на гас за две третини до крајот на годината.
Според договорот, САД, исто така, ќе работат на годишно обезбедување дополнителни 50 милијарди кубни метри до 2030 година.
Елиминирањето на рускиот гас ќе ја чини ЕУ, рече Бајден, но додаде: „Тоа не само што е правилно од морална гледна точка, тоа ќе нѐ стави во многу поцврста стратешка позиција.“
Вон дер Лајен, од своја страна нагласи дека постепеното исфрлање на рускиот гас и општо фосилните горива и нивна долгорочна замена со обновливи извори на енергија ќе ги зајакне напорите на ЕУ за постигнување климатска неутралност.
Бајден вчера присуствуваше на Самитот на лидерите на ЕУ на кој се разговараше за координиран одговор на руската воена агресија врз Украина.