Elena Teslova
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Западот против Русија води „тотална, хибридна војна“, известува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот на Фондот за јавна дипломатија „Горчаков“ во Москва, Лавров рече: „Денес ни е прогласена вистинска хибридна војна, тотална војна.“
„Овој термин [тотална војна], кој беше користен од Хитлерова Германија, сега го кажуваат многу европски политичари кога зборуваат што сакаат да направат со Руската Федерација.“
„Целите не се скриени, тие јавно ги објавија - да се уништи, скрши, истреби, задуши руската економија и Русија како целина“, истакна тој.
Лавров додаде дека со малтретирањето на Русија, западните политичари ги заборавија и ги изневерија вредностите што долго време ги прокламираа, како слободата на говорот, пазарната економија, неповредливоста на приватната сопственост и презумцијата на невиност.
„Во моментот кога Западот мораше да направи нешто против Русија, тој лесно ги предаде тие вредности“, рече тој.
Лавров изрази сомнеж дека Русија ќе биде изолирана и покрај сите напори и притисоци, и рече дека државата нема да се изолира.
„Поголемиот дел од земјите во светот се заинтересирани за еднаква меѓудржавна соработка заснована на клучните принципи од Повелбата на ОН“, рече тој.
За мотивите на Русија во Украина, Лавров повтори дека главната цел е да се заштити населението на бунтовничките републики од „воената закана од Киев“.
Министерот рече дека доколку Киев го спровел Договорот од Минск, Русија немало да ја започне својата „специјална воена операција“.
„Кога стана извесна можноста за воена конфронтација на руската граница, Русија немаше друг избор“, рече Лавров.
„Сиве овие години кога украинските власти избегнуваа да го применат Договорот од Минск, националистите уништуваа објекти од цивилната инфраструктура - болници, училишта, сето тоа е познато, овие факти беа претставени од нашите медиуми, но беа премолчувани на Западот, вклучително и убивањето цивили“, додаде тој.
Лавров ја повтори загриженоста на Русија поради воените биолошки лаборатории во Украина спонзорирани од САД и се заложи дека ова прашање континуирано ќе биде на агендата на Советот за безбедност на ОН.
Тој ги повика членовите на Фондот за јавна дипломатија „Горчаков“ да ја разгледаат геополитичката ситуација и да стават акцент на развојот на соработката со земјите кои не се приклучија на „антируската хистерија“.
Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, наметнаа строги финансиски санкции кон Москва.
ОН велат дека досега во Украина загинале најмалку 1.035 цивили, а 1.650 се повредени, иако се предупредува дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Над 3,7 милиони Украинци ја напуштиле земјата и засолниште најдоа во соседните земји, а милиони се раселени внатре во земјата.