Kasım İleri
28 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) – Од Стејт департментот вчера беше истакнато дека присуството на ПКК во подрачјето на Синџар во Ирак е голема пречка за помирување и за враќање на раселените лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Веруваме дека ПКК, која од страна на САД е оценета како терористичка организација, не треба да има никаква улога во Синџар“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер.
Коментарите на Тонер доjдоа откако премиерот на Регионалната влада на ирачките Курди, Нечерван Барзани се закани дека ќе употреби воена сила за потиснување на ПКК од градот Синџар, населен претежно со Курди и Језуити.
ПКК се обиде да воспостави база во регионот кон североисточната планинска периферија на провинцијата Нинева, бидејќи ДЕАШ беше истеран минатата година од страна на Пешмергите и локалните сили, со помош на коалицијата предводена од САД.
Турција, исто така, изрази загриженост во врска со присуството на ПКК во Синџар и соопшти дека ќе преземе мерки на претпазливост, вклучувајќи и распоредување трупи, за да ја спречи терористичката група да се зацврсти со база во регионот.
Тонер, исто така, ги повика сите групи што се активни во подрачјето на Синџар да го поддржат политичкото помирување, кое ќе им овозможи на внатрешно раселените лица да се вратат во своите домови.
Тој рече дека верува оти ирачката Влада во Багдад дели иста загриженост во врска со присуството на ПКК во Синџар.