Dmitri Chirciu
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека треба да се обезбеди национален дијалог кој ќе помогне да се создаде претставничка влада во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров и министерката за надворешни работи на либиската Влада за национално единство, Неџла ел Менгуш, одржаа заедничка прес-конференција по нивната средба во главниот град Москва.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Авганистан, Лавров рече: „Талибанците засега не ја контролираат целата територија на Авганистан.“
Посочувајќи дека силите на отпорот во долината Пенчшир презеле акција против талибанците, Лавров нагласи дека Русија презела подоследни чекори во настанатата ситуација.
„Ние сме за воспоставување дијалог меѓу Авганистанците што ќе помогне да се создаде претставничка влада. Моменталната ситуација секако ја потврдува нашата доследна позиција во создавањето надворешни услови за секаков вид поддршка за националниот дијалог во Авганистан“, рече Лавров.
Наведувајќи дека ситуацијата во Авганистан доби регионална димензија, Лавров рече: „И соседните земји и земјите кои се далеку од Авганистан реагираат. Во овој случај, ние сме подготвени да работиме со Московскиот формат за авганистанското прашање.“
Потсетувајќи дека талибанците дадоа изјава дека се подготвени да се сретнат со други политички сили во земјата, Лавров рече дека Русија ја поздравува таа изјава.
- „Важно е да се заврши процесот за решение на прашањето за Либија“ -
Осврнувајќи се на либиското прашање, Лавров изјави дека минатата година биле преземени позитивни чекори во процесот на решавање на ова прашање.
„Важно е овој процес да заврши преку склучување договор меѓу сите Либијци за обединување на структурите на државните институции во областа на економијата, финансиите, социјалната и одбранбената безбедност“, нагласи Лавров.
Тој ја истакна потребата за повлекување на странските сили од Либија, и рече дека Русија ги поддржува одлуките на Заедничкиот воен комитет 5+5 во земјата.
Неџла ел Менгуш, исто така, укажувајќи на важноста на процесот на повлекување на странските сили од земјата, рече: „Овој процес може да биде постепен и синхроничен. Затоа е потребно да се воспостават неопходните механизми.“