Selen Temizer
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, истакна дека спротивно на реториката на американскиот претседател Џо Бајден, вложени се многу напори за градење на нацијата и државата Авганистан, но дека тие биле неуспешни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борел, во својот говор за Авганистан на вонредната сесија на Комисијата за надворешни односи и развој на Европскиот парламент (ЕП), ситуацијата во земјата ја опиша како катастрофална и кошмарна.
Истакнувајќи дека иако првата цел во Авганистан била борбата против Ал Каеда, Борел рече дека подоцна фокусот се свртел кон изградба на модерна држава.
Осврнувајќи се на реториката на Бајден дека изградбата на државата никогаш не била главна цел, Борел рече: „Ова е дискутабилно.“
„Направивме многу за изградба на државата Авганистан“, рече Борел, посочувајќи дека денес се соочуваат со неуспех.
„Има многу лекции што треба да се извлечат од оваа операција за градење нација“, рече Борел, додавајќи дека само САД трошеле 300 милиони долари дневно во последните 20 години.
- 106 лица авганистански персонал и нивните семејства слетаа во Мадрид -
Наведувајќи дека заземањето на власта од страна на талибанците е разузнавачки неуспех, Борел рече дека 106 Авганистанци кои работеле за ЕУ и нивните семејства се евакуирани и стигнале во Мадрид, главниот град на Шпанија.
Тој додаде дека 300 луѓе и нивните семејства сѐ уште чекаат на аеродромот во Кабул.
Нагласувајќи дека е морална одговорност да се спасат најголемиот број Авганистанци, Борел рече дека не е можно да се земат сите.
- Влијание на Кина и Русија -
Високиот претставник на ЕУ истакна дека Кина веќе ги признала талибанците, а и дека и Русија ќе ги признае. Рече дека двете земји ќе го зголемат своето присуство во Авганистан, што ќе го промени геополитичкиот баланс на силите.
„За да се справиме со новите геополитички последици од ситуацијата, ние мора да го зголемиме нашиот дипломатски капацитет и да се обединиме со земјите истомисленици, особено со САД и Велика Британија,“ рече Борел.
Истакнувајќи дека Централна Азија ќе стане поважен географски простор за ЕУ, Борел рече дека ќе работат поблиску со земјите од регионот.