Murat Temizer
14 Октомври 2022•Ажурирај: 16 Октомври 2022
АНКАРА
Значајно количество природен гас може да се извезе во Европа преку Туркије, изјави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак.
Новак за Агенција Анадолија (АА) изјави дека гасоводот „Јужен тек“, проектот кој подоцна беше откажан и претворен во „Турски тек“, бил планиран со четири линии со капацитет од приближно 63 милијарди кубни метри.
„Доколку има побарувачка, овој потенцијален дополнителен капацитет може да се искористи за испорака на гас до европските потрошувачи преку Црното Море и Туркије“, рече Новак.
Рускиот вицепремиер истакна дека Туркије и Русија имаат исклучително добри односи на полето на енергетиката.
Осврнувајќи се на рускиот предлог Туркије да стане енергетски центар, Новак рече: „Капацитетот на „Турски тек“ изнесува 31,5 милијарди кубни метри. Една од линиите е за извоз во други земји.“
Новак изјави дека формирањето центар за рускиот гас во Туркије е прашање кое се разгледува и додаде дека ако има таква потреба и сите страни покажат интерес, „таков проект може да се оцени“.
- „Не сакаме високи цени на гасот“
„Оперирањето на гасоводот е одговорност на релевантна компанија и таа ги има потребните безбедносни активности. Нејзината работа е дефинитивно зајакната за безбедно и сигурно функционирање на гасоводот во моменталната ситуација“, рече Новак за тврдењата за обиди за саботажа на гасоводот „Турски тек“.
Во однос на прашањето за намалување на цената на извозот на рускиот гас во Туркије, Новак рече дека актуелните цени на пазарот се вештачки креирани.
Тој нагласи дека европските политичари создале вештачки проблем со снабдувањето со природен гас на европските пазари.
„Можеби најважното прашање е како да се обезбеди адекватност на ресурсите во Европа за нормализирање на цените“, додаде тој.
Рускиот вицепремиер нагласи дека високите цени на природниот гас не се ситуација која Русија ја сакала и додаде: „Не сакаме високи цени. Ако цените се високи, напорите за постигнување алтернативни и обновливи извори на енергија може да се искористат побрзо.“