Mesut Zeyrek
14 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
КЕЛН (АА) - Во Централната џамија на Турско-исламскиот сојуз за верски прашања во Келн, Германија, езанот, повикот за петочната молитва за првпат беше упатен преку разглас, известува Агенција Анадолија (АА).
Градската општина на германскиот град Келн, во кој живеат голем број Турци и муслимани, минатата година објави дека две години ќе го дозволува петочниот пладневен езан преку разглас, под услов да се исполнат одредени услови. Денеска во Келн за првпат преку разглас беше кажан езанот за петочната молитва.
Гласот на езанот бил ограничен на 60 децибели за да не бидат вознемирувани луѓето што живеат во околината.

Покрај Турците и муслиманите кои преку разглас го слушнаа првиот повик за петочната молитва на Мустафа Кадер, верскиот службеник на џамијата кој со микрофонот во дворот на џамијата ги повикуваше верниците на молитва, голем интерес за настанот покажаа и локалното германско население и претставниците на германските медиуми.
Турците кои дојдоа да го чујат езанот, за АА изјавија дека се многу возбудени и горди што во Келн го слушнале повикот за молитва.
Некои од присутните, слушајќи го езанот, не можеа да ги контролираат солзите.

Додека се кажуваше езанот, мала група насобрана надвор организираше протест.
Полицијата презеде опсежни безбедносни мерки наоколу.
Седиштето на големите турски невладини организации како што се Турско-исламскиот сојуз за верски прашања, Националното мислење на Исламската заедница и Европската турска исламска унија, се наоѓа во Келн, најголемиот град на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Само во Германија има повеќе од 900 џамии кои се поврзани со Турско-исламскиот сојуз за верски прашања.