Dmitri Chirciu
28 Јули 2021•Ажурирај: 29 Јули 2021
ДУШАНБЕ (АА) - Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изјави дека ситуацијата во Авганистан бара преземање соодветни мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шојгу, кој престојува во градот Душанбе за состанок на министрите за одбрана на Шангајската организација за соработка, се состана со таџикистанскиот министер за одбрана, Шарали Мирза. Осврнувајќи се на ситуацијата во Авганистан, Шојгу нагласи дека треба да се вложат заеднички напори за да се спречат заканите од Авганистан.
Потсетувајќи дека американските војници се повлекуваат од Авганистан, Шојгу рече:
„Наглото повлекување на странските трупи предизвика брзо влошување на ситуацијата во земјата и пораст на терористичките активности. Оваа ситуација бара преземање на соодветни мерки. Се работи во таа насока.“
Во врска со тоа, Шојгу истакна дека на Таџикистан му испратиле дополнително оружје и воена опрема. Наведувајќи дека ги обучуваат таџикистански војници, Шојгу рече дека воениот потенцијал на руската база во Таџикистан е зајакнат.
Судирите во Авганистан не престанаа ниту за време на интензивираните мировни преговори меѓу Владата и талибанското движење.
Судирите дополнително се интензивираа откако во мај започна повлекувањето на странските вооружени сили од земјата.