Sinan Doğan
28 Јули 2021•Ажурирај: 30 Јули 2021
БОГОТА (АА) - Во северна Колумбија 4.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови поради репресијата од вооружените групи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници селани кои се засолнија во градот Итуанго во административниот регион Антиоквија истакнаа дека нивните домови и полиња се заземени од страна на вооружени групи и дека животот не им е безбеден.
Колумбискиот претседател Иван Дуке изјави дека се дадени инструкции до Министерството за внатрешни работи и Националната единица за управување со ризици од катастрофи да се осигура безбедно враќање на раселените во нивните домови.
Истакнувајќи дека Владата ќе ги преземе неопходните мерки, Дуке рече: „Покрај природните катастрофи, има притисок и од вооружени групи. Луѓето можат да бидат сигурни дека ќе се осигура безбедност во руралните области за да можат безбедно да се вратат дома. Нанесени се силни удари на тамошните банди и ние ќе продолжиме да го правиме тоа.“
Луис Фернандо Суарез, гувернерот на Антиоквија, рече дека населението и понатаму засолниште бара во градот Итуанго, и додаде дека градот ги надминал своите капацитети.
Познато е дека во регионот постојат припадници на поранешните револуционерни вооружени сили на Колумбија (FARC) и вооружени групи како што се „Клан дел Голфо“, „Лос Пелусос“ и „Лос Капарос“.