Murat Keleş
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
РИО ДЕ ЖАНЕИРО (AA) - Националните фудбалски тимови на Колумбија и на Бразил ќе одиграат пријателски меч со цел да им помогнат на семејствата на страданите во авионската несреќа што се случи на 29 ноември во Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
Авионот што полета од Санта Круз де ла Сиера, во Боливија, се урна во Колумбија. Во авионската несреќа загинаа 72 лица, меѓу кои и 19 играчи од бразилскиот фудбалски клуб Шапекоенсе.
Од Бразилската фудбалска федерација соопштија дека двете земји поднеле барање до ФИФА и до Фудбалската конфедерација на Јужна Америка (CONMEBOL) за намерата да одиграат хуманитарен натпревар.
Потврдено е дека натпреварот ќе биде одигран на 22 јануари, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Приходот од мечот ќе оди за семејствата на страданите во оваа несреќа.
Во чартер летот се превезуваа вкупно 77 лица, меѓу кои и фудбалерите на првиот бразилски тим Шапекоенсе, кои патуваа во Колумбија на финале на натпреварот Копа Судамерикана. Авионот се урна на патот до меѓународниот аеродром „Меделин“ во близина на овој град.
Првиот од двата финални натпревара на Копа Судамерикана, меѓу Атлетико Национал и Шапекоенсе, требаше да биде одигран минатата среда во Меделин. По трагедијата, на барање на челникот на Атлетико Национал, за освојувач на трофејот е прогласен тимот на Шапекоенсе.