Aliia Raimbekova
15 Септември 2023•Ажурирај: 20 Септември 2023
МОСКВА (АА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој престојува во Русија, посети фабрика за авиони во регионот Комсомолск на Амур, соопштено е од Владата на Русија, пренесува Анадолу.
Ким ја посети фабриката „Јуриј Гагарин“ во Комсомолск на Амур, подружница на Руската обединета воздухопловна компанија (UAC), а беше придружуван од рускиот вицепремиер и министер за индустрија и трговија, Денис Мантуров, се наведува во соопштението.
Ким и неговата придружна делегација ги посетија инженерскиот центар и производствените погони на фабриката. На Ким му беа покажани дигиталните технологии што инженерите во одделот за дизајн ги користат за развој на модерни авиони.
Тој ја посети и фабриката за склопување на борбените авиони, погонот за финално склопување на авионите Су-35 и Су-57 од петтата генерација и ги прегледа технолошките капацитети што се подобрени како резултат на модернизацијата и техничкото обновување.
На крајот од програмата севернокорејскиот лидер Ким и рускиот министер Мантуров го следеа показниот лет на повеќенаменскиот борбен авион Су-35.
Севернокорејскиот лидер Ким ќе ги продолжи контактите во Владивосток во рамките на официјалната посета.