Burç Eruygur
11 Март 2024•Ажурирај: 13 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија соопшти дека коментарот на папата Франциск „да се има храброст да се подигне белото знаме“ во врска со Украина е насочен конкретно кон Западот, а не кон Киев, јавува Анадолу.
„Како што јас го гледам тоа, папата бара од Западот да ги остави настрана своите амбиции и да признае дека не е в ред“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера за италијанската државна новинска агенција АНСА.
Истакнувајќи дека Русија „никогаш не ги блокирала преговорите“ за мир во Украина, Захарова рече дека сите во моментов разбираат дека ситуацијата во земјата разурната од војна е во „ќор-сокак“.
Ова е причината зошто „многу дипломати и земји повикуваат на преговори“, додаде портпаролката.
Папата Франциск за време на интервјуто за швајцарскиот јавен радиодифузен сервис објавено во саботата рече оти верува дека „најсилниот“ во однос на ситуацијата во Украина е оној што има „храброст да го подигне белото знаме и да преговара“.
Украина остро ги критикуваше коментарите на папата Франциск во подоцнежните изјави, при што министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба го дефинираше „најсилниот“ како оној што „стои на страната на доброто наместо да се обидува да ги стави на иста основа и да ги нарече преговори“.
„Нашето знаме е жолто-сино. Ова е знамето со кое живееме, умираме. Никогаш нема да креваме други знамиња“, додаде тој.