Dilara Hamit
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
АНКАРА (АА) - Силите на сирискиот режим на Башар ал Асад го прекршија последниот договор за прекин на огнот меѓу Турција и Русија, 10 минути откако беше имплементиран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дописниците на АА јавија дека до крајот на првиот ден од договорот за прекинот на огнот режимските сили го прекршиле договорот 15 пати.
Режимот, кој во текот на викендот продолжи со прекршувањата на прекинот на огнот, отвори вознемирувачки оган со митралез врз турски воен конвој што превезувал залихи.
Елементите на режимот исто така истрелаа три минофрлачки гранати во близина на друга единица.
Оганот што режимските сили го отворија во текот на ноќта во селата во сириски Идлиб траеше околу еден час.
Режимските сили вчера беа одлучни да напредуваат до точките во селото Кафр Набл, тампон-зона јужно од Идлиб, со два тенка, два оклопни носача и неколку воени конвои.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ на 27 февруари, откако најмалку 34 турски војници загинаа минатиот месец во воздушен напад на режимот на Асад во сириската покраина Идлиб, и по континуираните прекршувања на претходните прекини на огнот. Според рамките на договорот од 2018 година со Русија, турските трупи се во Идлиб за да ги заштитат цивилите од нападите на режимот и неговите сојузници.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, договорија во Москва нов прекин на огнот во Идлиб.