Burak Dağ
17 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
АЛЖИР
Поранешниот министер за надворешни работи на Алжир, Рамтане Ламарма, утринава објави дека ќе ја повлече својата кандидатура за функцијата претставник на ОН за Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според државната новинска агенција на Алжир, 15-члениот Совет за безбедност на ОН не постигна консензус за Ламарма.
Ламарма претходно за алжирските медиуми изјави дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец го повикал да ја преземе таа функција.
„Во принцип се согласив, но консултациите кои Гутереш ги водеше потоа не изгледаа дека ќе резултираат со консензус на Советот за безбедност“, изјави Ламарма.
Откако ја извршуваше функцијата специјален претставник на ОН за Либија од јуни 2017 година, Гасан Саламе на почетокот на март поднесе оставка по неколку неуспешни напори да воспостави ред во земјата.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше соборен Муамер Гадафи од власт. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табора. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации (ОН) и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).