Ali Cura
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, рече дека сегашната ситуација во Авганистан претставува трагедија и пораз што во таа земја е предизвикан со тоа што САД 20 години се обидуваат да наметнат сопствени правила и начин на живот, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод почетокот на новата учебна година, Путин денеска го посети училиштето во Владивосток, а во обраќањето пред присутните ја коментираше и ситуацијата во Авганистан.
Потсетувајќи дека американската Војска била во Авганистан 20 години, Путин рече дека САД се обидувале, како што рече тој, да ги цивилизираат луѓето што живеат во таа земја во тој период.
„САД всушност сакаа да наметнат свои правила, начин на живот и политички институции во Авганистан. Тоа не донесе ништо друго освен трагедија и пораз за САД и Авганистан. Резултатот беше нула“, рече Путин.
Тој исто така рече дека САД претрпеле голем пораз во Авганистан бидејќи не ја почитувале историјата, културата, животната филозофија и традиција на таа земја.
„Неопходно е секој да разбере дека таквото наметнување однадвор е невозможно. Работите треба да созреат, ако тој процес треба да се забрза, тогаш на луѓето им е потребна помош. Да, можеше и требаше да се направи. Сепак, ова требаше да се направи цивилизирано, трпеливо, без брзање, внимателно и врз основа на афирмативно образование. Без овие фактори, речиси е невозможно да се постигне позитивен исход“, рече Путин.