Mehmet Alaca
01 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
АНКАРА
Пријавено е дека воздушните катастрофи што го засегаат светот се зголемени пет пати за 50 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), истражувањето на Светската метеоролошка организација (СМО), кое опфаќа период од 50 години, открило дека бројот на катастрофи предизвикани од временските услови е 5-кратно зголемен од 1970 година досега.
Научниците посочија дека факторите, како што се климатските промени и суровите временски услови, стојат зад зголемувањето на бројот на природните настани односно бурите, поплавите и сушите, и додадоа дека подобрувањата направени во системите за рано предупредување помогнале да се намали бројот на смртни случаи.
Според истражувањето на СМО, повеќе од 11.000 катастрофи се случиле во периодот од 1970 до 2019 година.
Овие катастрофи ја предизвикаа смртта на повеќе од два милиони луѓе, а економската загуба изнесува 3 трилиони 64 милијарди долари.
Проф. Петери Талас, генералниот секретар на СМО, предупреди дека бројот на екстремни временски настани дополнително ќе се зголеми поради климатските промени.
Наведувајќи дека неодамна се забележани повеќе топлотни бранови, суши и шумски пожари во Европа и Северна Америка, Талас рече: „Количеството водена пареа што стигнува до атмосферата се зголемува, што доведува до прекумерни дождови и смртоносни поплави. Затоплувањето на океаните влијае на фреквенцијата и областите на влијание на тропските бури.“
Според студијата, повеќе од 90% од катастрофите со смртоносни последици предизвикани од временските услови се случиле во земјите во развој.
Додека 650.000 луѓе ги загубија животите поради сушата, екстремните температури однесоа околу 56.000 животи, но интересен е фактот дека во текот на периодот од 50 години, нагло е опаднат вкупниот број смртни случаи предизвикани од катастрофи.
Од друга страна, иако се забележани економски загуби од околу 49 милиони долари на дневна основа во периодот 1970-1979 година, оваа сума се зголемила 7 пати во периодот 2010-2019 и достигна 383 милиони долари дневно.
Економското влијание на ураганите Харви, Марија и Ирма, што ги погодија САД во 2017 година, изнесува 35% од вкупните загуби на првите 10 катастрофи што се случија во светот во периодот од 1970 до 2019 година.
Истакнувајќи дека подобрувањата на системите за предупредување помагаат да се спасат животи, во статијата се истакнува дека постојат уште многу работи што треба да се направат.
Во истражувањето се наведува дека само половината од 193 земји членки на СМО имаат системи за рано предупредување од повеќе опасности.