Elena Teslova
16 Мај 2019•Ажурирај: 18 Мај 2019
СОЧИ (AA) – Рускиот претседател Владимир Путин рече дека соработката со Турција е полесна отколку со Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Споредувајќи ја изградбата на гасоводот Северен тек 2 и Турскиот тек на заедничкото обраќање на медиумите со австрискиот колега Александер Ван дер Белен во Сочи, Путин рече:
„Полесно е да се работи со Турците. Претседателот Реџеп Таип Ердоган одлучува и го прави тоа. А во ЕУ треба 27 земји да се договорат. Тоа трае со години и ништо не се случува.“
Сепак, Путин нагласи дека проектот Северен тек 2 ќе биде завршен, и покрај пречките, меѓу кои е и американската контраакција.
Говорејќи за меѓународната ситуација, Путин изрази жалење поради укинувањето на Договорот за нуклеарната програма со Иран.
„Жалиме што Договорот е уништен. Нашата позиција им е позната на сите партнери, вклучувајќи ги и американските, и ние го поддржуваме зачувувањето на тој Договор. Иран, по потпишувањето на Договорот е најверодостојна и најтранспарентна земја во светот во таа смисла“, нагласи рускиот претседател.
Ван дер Белен се согласи со Путин и рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) 13 пати потврдила дека Иран го почитува Договорот.
Тој изрази загриженост дека судирот меѓу САД и Иран би можел ситуацијата да ја претвори во нешто слично како во Ирак, што се однесува на американската инвазија од 2003 година, истакнувајќи дека никој не сака такво сценарио.
Минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Договорот за нуклеарната програма помеѓу Иран и групата P5 + 1 (пет постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации и Германија).
Наскоро потоа, Вашингтон повторно наметна економски санкции на Иран насочени кон енергетскиот и банкарскиот сектор на таа земја.